Со ДНК анализа пронајдена мајката на малата Марија
25 октомври 2013Мистеријата околу потеклото на девојчето по име Марија кое беше пронајдено во едно ромско семејство во Грција е решена. ДНК тестовите во соседна Бугарија потврдија дека родители на Марија се Саша Русева и Атанас Русев. Информацијата ја потврди претставник на бугарското министерство за внатрешни работи.
Семејството во Грција каде што беше пронајдена Марија беше обвинето дека го киднапирале девојчето, а целиот случај покрена лавина реакции во целиот свет. Семејството демантираше дека насила го одзеле девојчето, и тврдеа дека таа им била оставена од Роми од Бугарија, кои не можеле да се грижат за детето.
Следуваше полициска истрага во Грција и во Бугарија и беше откриено семејството Русеви во градот Николаево во централна Бугарија, како можни родители на детето. Саша Русева, во полицијата изјавила дека пред неколку години, додека била на привремена работа во Грција родила девојче, но не можела да се грижи за него, па го оставила во Грција.
Саша Русева подоцна изјави дека доколку се докаже дека девојчето е нејзино, би сакала да го земе назад и да се грижи за него.