Со градење нови хотели против кризата
7 март 2014На грчките плажи има уште многу место за нови хотели. Посредници за недвижности сакаат да го искористат тоа и нудат хотел во изградба кај Атос, во близина на Света Гора. Конечно, повторно во земјата почна да се инвестира - тоа не го правеше речиси никој од избивањето на кризата во 2009. година, дури ни во важната бранша.
Експертот за недвижности Константитн Фолбах објаснува: „Променети се многубројни закони за градежништвото, за да се поедностави градењето. Повеќе се полага врз туризмот, врз куќи и апартмани за годишен одмор, но истовремено и врз проширување на хотелската инфраструктура во Грција.“
Хотелот чини околу еден милион евра. Инвеститорот Темис Ханцис не гледа ризик, оти смета дека бизнисот со туризмот повторно е на добар пат:
„Прогнозите се охрабрувачки, годинава веројатно повторно ќе имаме 20 проценти повеќе туристи, а бројот на гости од Русија дури и тројно ќе се зголеми. Тоа е индиција дека државата само во туризмот гледа инвестиција за иднината.“
Но, засега само Грците се осмелуваат повторно да инвестираат. Во меѓувреме интересирање за деловни и станбени недвижности покажуваат и странци, првенствено големи инвестициски фондови. Во кризата цените паднаа за 30 проценти.
Многу згради и станови беа празни, велат експерти за недвижности. Сега е дојден моментот за оние, кои чекаат на евтини понуди.
„Навистина, уште има опасност, но таа стана многу помала. Инвеститорите загризуваат уште пред сосем да помине опасноста. Тоа е вистински момент, непосредно пред да почне експанзијата на стопанството. Тогаш има најголеми шанси да се постигне добивка“, проценува Фолбах.
Кога странски инвеститори вистински влегуваат во бизнис, работите во земјата, според нивно цврсто убедување, можат да одат само по нагорен пат.