200711 EU-Sondergipfel
21 јули 2011Министрите за финансии од земјите на еврозоната, всушност, требаше уште минатата недела да го договорат вториот пакет финансиска помош за високозадолжената Грција, но позициите беа премногу спротивставени. Сега се очекува пресврт на самитот на шефовите на држави и влади. Синоќа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози успејаа да најдат заедничка линија, како што соопшти утрово владиниот портпарол Штефан Зајберт. Колку е сериозна ситуацијата покажува тоа што ноќеска на средбата се придружил и шефот на Европската централна банка Жан Клод Трише. Зајберт не ги наведе конкретните резултати од разговорите. Должничката криза се заканува и на Шпанија и Италија.
Лидерите на ЕУ мора да пронајдат квалитетно решение за грчката должничка криза на самитот или глобалната економија ќе плати голема цена. Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо испрати вчера невообичаено остра порака:
„Никој не треба да има илузии. Ситуацијата е многу сериозна. Таа бара одговор, или во спротивно негативните последици ќе бидат почувствувани во сите делови на Европа и надвор од неа“, рече Баросо.
Според него, решенијата за кризата мора да вклучат мерки за одржливост на грчките јавни финансии, учество на приватниот сектор во финансирањето на Атина, пофлексибилна употреба на фондовите на ЕУ, обнова на регионалниот банкарски систем и ликвидноста за да се забрза растот на економијата.
При делумно отпишување на грчките долгови, Германија, Холандија и Финска инсистираат товарот да го понесат и приватните банки и осигурителни компании, а не само даночните обврзници.
Страв од распаѓање на заедничката монетарна унија
Но, отпорот е голем. Тој доаѓа пред се` од Европската централна банка и цела редица влади.
Беше договорено со систематското вклучување на приватните доверители да се започне дури по воведувањето на постојан фонд за спас во 2013 година. Критичарите на учеството на банките велат дека рејтинг-агенциите тоа во секој случај би го толкувале како случај на блокирање на кредитите. Марио Драги, идниот шеф на Европската централна банка, ги предвидува последиците:
„Грчките банки би морале да бидат рекапитализирани во случај на блокирање на кредитите“.
Драги стравува дека тогаш даночните обврзници низ цела Европа би морале да ги поддржат банките со ред, а на финансискиот пазар ќе завладее хаос.
Некои експерти и политичари не исклучуваат контролиран државен банкрот на Грција и нејзино исклучување од еврозоната. Тие предупредуваат дека безграничната помош ќе ги парализра реформските желби и дека финансиски стабилните земји на долг рок ќе мора да гарантираат и плаќаат за нестабилните. Постојат стравувања дека спорот околу еврокризата може да доведе до распад на заедничката монетарна унија.
Автор: Кристоф Хазелбах/Кристијан Валц/Жана Ацеска
Редактор: Трајче Тосев