Случајот со Бугарија и Романија - „поука за Европа“
23 јули 2009Весникот „Ди пресе“ од Виена зборува за избрзан прием на Романија и Бугарија во ЕУ во 2007 година и констатира:
„Тие не беа и ни до денес не се зрели за прием. Со политички мотивираното вклучување, тие загубија многу од мотивацијата да воспостават контрола врз раширената корупција и организираниот криминал. Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на тие земји го прави тоа повеќе од јасно. Брисел и натаму ќе штеди кај средствата за поддршка на двете земји. Ќе биде сопрен развојот на Бугарија и Романија, оти тие фактички уште не се вклопуваат во системот на Унијата. Со нивниот премногу амбициозен стремеж да влезат во ЕУ, значи, тие се казнија самите себе си.
Зачленувањето не се исплатеше за ниедна страна - ни за двете земји, кои со помош на ЕУ всушност сакаа колку што може побргу да му се приклучат на Западот, ниту за партнерите од Европската унија, кои со тоа сакаа да обезбедат нивните претпријатија да можат да прават зделки во Романија и Бугарија без многу ризик. Конечно, не се исплатеше ни за целиот регион, чии земји сега западнаа во немилост како можни кандидати за прием“, заклучува „Ди пресе“.
Во иднина да нема прием, ако новиот член не ги исполни сите предуслови
„Келнер штат анцајгер“ нагласува дека ЕУ знаеше во што се впушта со приемот на Бугарија и Романија, во кои цутат корупција и организиран криминал, а правната држава само ограничено функционира, па коментира:b#b
„Тоа беше пред се’ политичко решение: по големото проширување кон исток во 2004, требаше да се стабилизира и југоисточното крило на Европа. Оттогаш има мониторинг за Бугарија и Романија. Брисел бара реформи. Двете земји треба да покажат дека енергично постапуваат против домашните негативности. Но, досега се покажа дека токму тоа не го прават.
Европа треба да извлече поука од тоа. Веќе не треба да има прием, ако кај новиот член не се исполнети сите предуслови. Разумно е што ЕУ работи за своето проширување. Еден ден во неа треба да влезат земјите од Западен Балкан и Турција - но, дури тогаш, како и навистина ќе бидат подготвени“, категоричен е „Келнер штат анцајгер“.
Автор:„Ди Пресе“, „Келнер штат анцајгер“ / Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска