Сиртаки за повеќе љубов
26 февруари 2015Кога е сам Манфред Гринеберг (насловна фотографија) често игра сиртаки. Овој пензионер наутро кога ќе се разбуди, пушта музика, ги шири рацете, затвора очи, го исправа горниот дел од телото. Еднаш неделно со други Германци го танцува грчкиот танц - со страст. Гринеберг објаснува: „Грчкиот танц функционира супер во група. Но Грците танцуваат и сами. Тоа е за нив небеско царство.“ Според него, на европскиот паркет тоа се одвива поинаку. Таму сите земји треба да бидат заедно, како во сиртаки, каде танц-партнерите пријателски се држат за плеќите. „Грција нема да ја напушти ЕУ“, убеден е тој. Во актуелната дискусија за грчките долгови од страна на политичарите често се разгледува излегувањето на Грција од ЕУ. Гринеберг, напротив, е убеден дека Грција мора да остане во ЕУ. Освен тоа, за него е јасно - треба да се прости дел од долгот.
„Германија не ќе можеше да ги врати своите долгови“
„Ставот на министерот за финансии Волфганг Шојбле е премногу тврд“, вели Гринеберг. „Грците немаат сила да ги вратат своите долгови.“ Грција во моментов е задолжена со околу 320 милијарди евра. Во 2012. година приватните кредитори мораа да прифатат простување на долговите, на Грција тогаш и’ се простени околу 100 милијарди евра. Германија и другите земји во еврозоната се против уште едно простување на долгот бидејќи тоа на крајот би бил товар врз даночните обврзници во еврозоната.
Гринеберг, наспроти тоа, потсетува дека и самата Германија еднаш профитираше од простување на долгот. „По Втората светска војна Германија не можеше да ги врати своите долгови. Без простување на долгот ќе бевме во многу лоша ситуација.“ Во 1953. година бројни земји-кредитори, меѓу кои и Грција, на Сојузна Република Германија и’ простија половина од долгот и одобрија долгорочно репрограмирање на остатокот од долгот.
Покрај тоа, Гринеберг смета оти „левичарите во Грција не смеат да даваат толку силни изјави и да ги навредуваат другите.“ Новиот грчки премиер Алексис Ципрас, на пример, однесувањето на германскиот министер за финансии го спореди со однесување на колонијалист.
„На ЕУ и' е потребна Грција и на Грција и’ е потребна ЕУ“
Раководителот на туристичка агенција Рајнхард Шопнис не е многу радосен поради сликата која Германците ја имаат за Грците. „Основните работи како плажа, море и хотел, младите веќе ништо не ги интересира кога станува збор за Грција“, вели тој. А што е со 2000 години старата култура на земјата? „Акрополис е кафеана?“, наводно тоа го прашале кога на своите клиенти им ги величал древните тврдини на грчките градови. „Тоа е штета бидејќи во Грција живеат екстремно пријатни луѓе кои сакаат да ја покажат својата татковина“, вели Шопнис.
Тој пред неколку години ја запознал гостопримливоста на Грците. Како туристичка дестинација во Европа Грција не е на врвот, но желбата за Грција оди назад во минатото. Ни Германците не се, како што вели, зависни од грчките плажи. Но и покрај тоа: „На ЕУ и' е потребна Грција и на Грција и’ е потребна ЕУ“, смета Шопнис. „Не може поради економската криза да се исфрлат Грците од ЕУ.“
Неодамна еден постар клиент во туристичката агенција својот одмор во Грција го заменил за одмор во Шпанија велејќи дека Грците му изгледаат премногу мрзеливи. „Тоа сметам дека е арогантно и тоа ме лути“, смета Шопнис. „Грците секако не се ништо помрзеливи од сите други Европејци.“
„Економската политика на Ципрас е само почеток на движење“
Гркинката Елени Варопулу ги познава предрасудите кои ги имаат Германците. Таа е театролог и автор и се наоѓа на чело на грчката Фондација за култура во Берлин. Во просториите на фондацијата на ѕидот се наоѓа голема фотографија на германскиот актер Бруно Ганц. Директорката ја сака оваа фотографија, бидејќи многу и’ се допаѓа како актер. Станува збор за дело на грчка фотографка за филмот „Прашина на времето“, кој се прикажува во Берлин. Варопулу сака да ги спои Грција и Германија. Таа веќе 20 години живее во Германија, ги познава двете земји многу добро. Смета дека не смее да дојде до големи раздвојувања, ниту меѓу Грција и Германија, ни меѓу сиромашните и богатите. „Јас сум на страната на новата грчка влада“, вели таа. „Конечно некој многу јасно се изјаснува против политиката на штедење. Ако се штеди премногу, тоа често ги погодува сиромашните и прави раскол во општеството. А тогаш се создава совршено тло за десноестремистички сили.“
Варопулу не ја забележува премногу напрегнатата атмосфера меѓу Германците и Грците: „ Во моето опкружување, во кое се уметници, интелектуалци и студенти, Германците и Грците меѓусебно се помагаат“. Според неа, економската политика на Ципрас е само почеток на движење против штедењето во Европа.
Грција сега најави дека ќе спроведе реформи за да добие дополнителна финансиска помош од ЕУ. Двете страни попуштија.