Сирија денеска на дневниот ред на Советот за безбедност на ОН
24 октомври 2005Според извештајот што беше објавен во петокот во атентатот биле вмешани и повиски офицери на сириските тајни служби. Сирија и повеќе арапски земји го оценија извештајот како тенденциозен и политички мотивиран. Според нив, САД и Франција бараат причина за воведувње санкции против Сирија. Со извештајот денеска ќе се занимава и Советот за безбедност на ОН.
На викендов повеќе либански политичари се изјаснија околу извештајот што го подготви германскиот експерт Детлеф Мелис. Синот на убиениот Рафик Харири, Саад, ги повика сограѓаните на разум, бидејќи чинот на криминалци не треба да ги нарушат длабоките и братски односи меѓу Сиријците и Либанците. Истовремено тој побара одгтоворните да бидат изведени пред суд, ако е потребно и пред меѓународен Тирбунал.
„Меѓународната заедница сакаше да знае кој го уби Рафик Харири и сега сакаме правда, не некаква си спогодба. Не верувам дека било кој па и од арапскиот свет ќе сака да се изложи на критика дека не сака правда. За нас е најважно оние кои се одговорни за овој злостор, и тоа само тие, да ја добијат заслужената казна„ – порача Саад Харири.
Но, на денешната седница на Советот за безбедност на ОН ќе станува збор и за санкции против Сирија. Влијателниот водач на Друзите во Либан, Валид Џумблат, меѓутоа побара евентуалните меѓународни санкции да ги погодат само оние кои се навистина виновни, а не целиот сириски народ. Американскиот шеф на дипломатија Кондолиза Рајс по разговорите со нејзиниот британски колега Џек Стро, даде до знаење дека САД ги сметаат резултатите од извештајот за многу сериозни.
„Овде имаме доказ барем за некооперативноста на Сирија. Покрај тоа доаѓа и веројатниот заклучок дека Сирија на овој или оној начин била вмешана во убиството на екс-премиерот Харири. Тоа се тешки обвинувања.„
Во сирискиот главен град очигледно го очекуваат она најлошото и затоа критиката на сметка на извештајот на Мелис е многу остра. Тој не почива врз факти, туку е чисто политички мотивиран, оцени правен советник на Министерството за надворешни работи во Дамаск.