Силувани малолетнички во Црна Гора
14 април 2011Системот за заштита на децата во Црна Гора со години го тресат скандали. Пред неполна година слични обвинувања се упатуваа до Јавната институција за деца со пречки во развојот „Комански мост“ во Подгорица. Последни во низата обвинувања се оние за силување на три поранешни штитенички на Домот за деца без родители „Младост“ во Бела.
Минатата недела црногорските медиуми ја објавија шокантната сторија за наводното силување на три малолетни сестри во Домот за деца без родители во близината на Херцег Нови. Сестрите биле згрижени во домот Младост во Бела до пред неколку месеци, кога ги преземало згрижувачко семејство, кое во центарот за социјална работа ги пријавило тврдењата на малолетничките за наводното силување, од страна на момчиња, исто така штитеници на домот.
Црна дамка во системот за заштите на децата
Дури по вознемирувачките прилози, обвинителството ја почна истрагата, а Министерството за социјална грижа формира комисија, која ќе ги провери изјавите на девојчињата. Додека се чекаат резултатите од истрагата, ресорниот министер Суад Нумановиќ има само пофални зборови за оваа институција:
„Оваа институција е добар пример за отворена институција. Сето тоа дефинитивно посочува дека девијантната појава многу порано била откриена дека постои. Досега не сме имале девијантни појави поврзани со оваа институција.“
За црна дамка во системот за детска заштита во Црна Гора се смета Јавната институција за деца со пречки во развојот „Комански мост“ во Подгорица. Покрај сексуалното злоупотребување на децата со тешки психички заболувања, за кое сведочат и фотографии, оваа институција е поврзана со исчезнување на деца и нивно најсурово физичко малтретирање. Сепак, ниту еден случај не доби судски епилог. Единствена последица беше смената на повеќедеценискиот директор Вук Мирковиќ. Заменичката на црногорскиот заштитник на човековите права Невенка Станковиќ вели:
„Од април тие ангажираа дополнителни стручни лица, но нивниот број се‘ уште не е доволен. Во поглед на женските штитенички, во тек е изградба на женски павилјон. Се надевам дека со тоа конечно ќе им бидат обезбедени достоинствени услови за живот.“
Недостаток на стручни лица
Директорката на невладината организација Центар за правата на децата Рајка Перовиќ смета дека се потребни повеќе стручни лица:
„Што се однесува до институциите во Црна Гора за сместување на децата, можам да кажам дека условите во последно време се значително подобрени, но недостаток е малиот број на стручни лица и запослени, кои на адекватен начин можат да им дадат поддршка и да одговорат на потребите на децата сместени во институциите.“
Упатените во оваа ситуација се согласни дека единствено решение е реформата на системот за заштита на децата. УНИЦЕФ иницираше проект за деинституционализација на децата, т.е. нивно сместување во згрижувачки семејства. Но, првите резултати се очекуваат дури за двеипол години.
Автор: Јелена Кулиџан / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Трајче Тосев