Сеништето на грдиот Германец
22 јули 2015Тој е повторно тука - секогаш знае се‘ подобро и секогаш е во право, постојано штеди и ситничари, дели укори и раководи, накратко: грдиот Германец. Потомок на оние кафеави орди кои го претворија континентот во урнатини и пепел, во смрт однесоа милиони луѓе и донесоа пропаст. Еден период се чинеше како да се цивилизирал, но сега е повторно тука: брутален, суров и нескротлив, а истовремено бесконечно самобендисан. Веројатно исчистен од кафеавите идеали, но не и помалку опасен. Тој се‘ уште сака да ја обликува Европа по свое. Тоа што на крајот тоа ќе ги однесе неговите соседи и самиот него во бездна, не е нешто што го загрижува. За него е важно само едно: да си го истера своето, па нека чини колку ќе чини.
Ако еден Германец деновиве ги следи странските медиуми или јавните дебати кај европските соседи, ќе му се причини како изминатите години да ги минал во милостива заблуда. Поголемиот дел од Германците со години си замислуваа дека конечно, конечно повторно имаат добри односи со своите соседи. Можеби дури, како што се надеваа во своите најсмели соништа, имаат дури и „нормални“ односи, значи односи кои веќе не се под сенката на големиот германски грев од периодот 1933-1945 година. Земјата со години правеше обиди да биде така, и тоа од вистинско убедување. Но, беше мотивирана и од вистинска носталгија повторно да биде омилен, или дури - врвот на соништата - сосема „нормален“ сосед.
„Четврт рајх“?
Се чини деновиве завршија сите овие соништа. Учиме дека историјата не поминува. Нејзината сенка е присутна, подготвена во секое време наново да ја затемни реалноста. Германија сака да ја „здроби“ Грција, рече на пример Никола Дипон-Ењон, лидер на еврокритичната партија ДЛФ (Debout la France), која е застапена во францускиот парламент. За него беше и јасно каде води ваквиот германски став - кон „Четврт рајх“!
Слично размислува и Жан-Лук Меланшон, член на Европскиот парламент и лидер на Левичарскиот фронт. Денешна Германија не може да се спореди со онаа од Втората светска војна, „но станува збор за истиот корпоративен дух, истата ароганција, истата слепост“. По третпат во историјата, објаснува Меланшон, „германската влада сака да ја уништи Европа“.
Дијагноза со која, барем делумно, се согласува и италијанскиот публицист Алдо Каѕуло. Германија, напиша тој неодамна во дневниот венсик „Кориере дела Сера“, сега го постигна она што не и‘ успеа во текот на две војни - да доминира во Европа. „Но таа превласт не ја прави земјата ниту великодушна ниту далекувида.“
Критика на капитализмот и укор за Германците
Со вакви дијагнози во ушите, многу Германци се прашуваат дали нешто пропуштиле во последните години. Одговорот гласи: да, пропуштивме! Ние, како и сите други Европејци, многу ги потценивме културните последици од финансиско-техничките одлуки, на чие фатално дејство укажа економистот Ханс-Вернер Зин - имено, заедничкото гарантирање на долговите од пролетта 2010 година. Тогаш европските држави застанаа и зад резервите на приватните банки во странство и со тоа ги спасија од загуби.
Затоа, сега, државите се тие кои поставуваат барања на Грција. Со други зборови, сега наспроти земјата не стојат веќе приватни доверители, туку други држави. Грција мораше да се соочи со барањата на Германија, но и на други земји. Сега веќе против земјата не се банките, туку други држави. Тоа беше часот на раѓање на размислувањето во национални стереотипи. И со оглед на тоа што Германија има најголеми побарувања, наскоро на сцената повторно исплива грдиот Германец. Таму тој ја играше улогата на она лошо момче која дотогаш ја играа „несовесните банкари“. Незабележливо критиката на капитализмот се претвори во карање на Германците.
Историски сеништа
Сето тоа беше поттикнувано од пристапот кон проблемот, кој го одземаше здивот - постојано нови кредити кои ги заменуваа старите за на тој начин да се зачува платежната способност на државата. Се редеа еден по друг кредит, се црпеа пари од различни „лонци“ и потоа се влеваа во други „лонци“ за да се одржи протокот на пари - гигантски пирамидален систем, со којшто досега се спречува крах на системот.
Меѓутоа, тоа доведе до тоа вложените суми да добијат речиси виртуелен карактер. Тие делуваа вештачки, нестварно, како да припаѓаат во друга сфера. Дотолку повеќе пречеа сомнежите и дилемите - како оние на германскиот министер за финансии. Тој не му веруваше и не му верува на системот. Во време кога државните долгови делуваат толку имагинарно и далеку од секаква реалност, неговите задршки звучат чудно малодушно. А, набрзо потоа и немилосрдно. Како тврди Германците се и навистина познати во историјата. Но дали сега повторно се враќаат тврдите, дури сурови Германци? Не. Многу повеќе на реалноста одговара ова: поради разузданата должничка политика се родија историски сеништа.