Северна Македонија мора да чека
9 декември 2020Сè уште е рано за биланс на полугодишното претседателство на Германија со Советот на шефови на држави и на влади на ЕУ. Сепак, неделава претстои уште еден значаен самит на агендата, на кој ќе се одлучува дали исплатата на корона-помошта ќе следи како што е планирано на почетокот на годината. Но, од една намера сега мора да се откажат сојузната влада и ЕУ-Комисијата: од ветениот старт на пристапните преговори со Северна Македонија во декември очигледно нема да биде ништо. Причината за неуспехот не е толку многу во Берлин или Брисел – туку во Бугарија.
Владата во Софија одбива да ја даде својата согласност за меѓувладина конференција со својот сосед Северна Македонија. Навистина, ЕУ-Комисијата уште пред две години ѝ ја потврди на малата балканска држава зрелоста за старт на долготрајниот дијалог. Исто така, со преименувањето на некогашната Република Македонија во Република Северна Македонија можеше да се реши тридеценискиот спор за името со Грција. Сепак, и покрај болните реформи и отстапки Македонија моментално не оди понатаму. Бугарската влада за својата согласност за понатамошни разговори поставува барања, кои се близу до самоодрекување на Северна Македонија.
-повеќе на темата: Рот: Нема потреба од план „Б“, ЕУ и Германија остануваат со вас
Според бугарскиот премиер Бојко Борисов, Северна Македонија мора да признае дека нејзиниот идентитет, нејзините јазик и историја имаат бугарски корени. Од аспект на Софија, Северна Македонија е „измислена нација"; нејзиното настојување на сопствен идентитет противречи на „историската вистина". Едно прикажување, кое во Скопје очекувано се одбива. Премиерот Зоран Заев укажува на правото на својата држава на самоопределување. Бугарските барања ја преминуваат црвената линија.
Одвај да постои некој во ЕУ, кому поврзувањето на Западен Балкан со сојузот на држави му е толку важен колку на сојузната влада. Канцеларката Ангела Меркел специјално го основаше „Берлинскиот процес" – ротирачки формат на дијалог за поголема размена меѓу државите, делумно непријателски спротивставени, меѓу нив но и со ЕУ. Интеграцијата на Западен Балкан се смета како мерка што обезбедува мир во еден сè уште нестабилен регион. И затоа не изненадува, што покрај министерот за надворешни работи Хајко Мас и канцеларката, и сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер се обидоа да посредуваат меѓу Бугарија и Северна Македонија – до сега залудно.
Михаел Рот, кој како државен министер за Европа во германското министерство за надворешни работи изминатите недели и месеци интензивно се занимаваше со обидите за изнаоѓање на решение, предупреди на неуспех. „Како претседавач со Советот на ЕУ правиме сè што е во нашите можности за да започнат пристапните преговори и првата меѓувладина конференција со Северна Македонија", изјави политичарот од СПД за РНД. Со недели тој и неговиот тим бараа решенија што ќе ги земат предвид интересите на сите. „На маса имаше добри предлози", вели Рот. „Но, мораме да констатираме: и понатаму не изгледа вистински добро." Сите страни би морале да се придвижат. „Времето уште не е истечено, но сега е крајно време за добро решение", опоменува тој.
Сојузната влада предупредува
Рот ѝ префрла на бугарската влада за однесувањето со кое си штети на самата себе: „Ако сега не го одржиме зборот и со тоа ги зајакнеме националистичките и популистичките сили во регионот, тогаш тоа ќе има последици и за безбедноста и стабилноста на Бугарија. Со тоа ја сечете гранката на која седите." Секое понатамошно двоумење ќе се толкува како слабост на ЕУ.
Сојузната влада, но и ЕУ-Комисијата настојуваат на тоа, Бугарија и Северна Македонија да го решат нивниот спор една со друга и да не го прават дел од процесот на ЕУ-проширувањето.
„Ако сенките од билатералното минато станат спречувачки аргумент за заедничка иднина во Европа, тогаш си наштетуваме на самите себе", изјави Рот. Северна Македонија, како и Албанија, имаат направено „многу значителни отстапки" – сега мора и ЕУ да го одржи зборот и да започне со пристапниот процес. „Се ризикува ништо помалку од кредибилитетот на ЕУ“, нагласи тој.
(Марина Кормбаки, Франкфуртер Рундшау)