Се одлагаат одлуките за Србија и Црна Гора
9 декември 2011„Со разгледувањето на давањето кандидатски статус на Србија до март 2012-та, ЕУ ќе испита и потврди дека Србија продолжила да покажува кредибилна посветеност и дека постигнала дополнителен напредок“, стои во драфт-верзијата од заклучоците за Србија, кои треба да ги усвојат европските лидери на денешниот (09.12) состанок во Брисел. Европскиот совет ќе ги задолжи своите министри да разгледаат и да утврдат дали Србија прави напредок во спроведувањето на договорите, чија цел е нормализација на нејзините односи со Косово, се вели во нацрт-документот за Србија.
Опасност од видливите и скриените екстремистички сили
На денешниот состанок во Брисел, европските лидери освен за должничката криза, треба да расправаат за кандидатскиот статус на Србија, но и за почетокот на преговорите со Црна Гора. Според предлог декларацијата и одлуката за Црна Гора ќе биде одложена. Шефовите на европската дипломатија во понеделникот не донесоа конечна одлука за овие две земји и тоа прашање го префрлија на европските шефови на држави или влади.
Официјален Белград очекуваше дека земјата ќе добие статус на кандидат за прием во ЕУ, но Германија се противи на тоа со аргументот дека неодамнешните судири на северот од Косово меѓу српските националисти и војниците од КФОР покажуваат дека Србија не е подготвена да се кандидира за ЕУ. Слична позиција има и Австрија, поради тоа што во тие судири беа повредени германски и австриски војници.
Политичкиот аналитичар, Јован Комшиќ, оцени дека на Србија и‘ се заканува опасност од видливите и скриените екстремистички сили, кои можат да ја завртат земјата во антиевропски правец и да го загрозат демократскиот систем на вредности. Според него, тоа ќе ја донесе Србија во состојба слична како таа на Блискиот Исток.
„Можевме да видиме на што се е подготвено антиевропското движење, кое го искусивме во периодот на Коштуница. Тогаш нашето општество потона меѓу оние општества кои си дозволуваат палење на западните амбасади, со можност за прекин на врските со демократските држави“, рече Комшиќ, кој оценува дека и денес во Србија има проекти кои го оживуваат неофашизмот, претставувајќи го како алтернатива за неуспешната европска приказна.
Автор: Александар Методијев/афп/бета/макфакс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска