300609 Checkpoint Charlie
13 август 2009Тројцата божемни погранични офицери денеска не се добро расположени. Времето е лошо и речиси и да нема туристи, кои сакаат да се фотографираат со нив. Тројцата млади Берлинчани, облечени во униформите на американската, француската и руската војска од времето на студената војна божем ги контролираат туристите. „Имаме оргинални печати од минатото од Источен и Западен Берлин, од американскиот, англискиот, рускиот и францускиот сектор. Туристите можат да добијат такви печати во нивните вистински пасоши, или пак, ако сакаат на стар формулар за виза од времето, како и на некоја од прекрасните разгледници“, појаснува еден од тројцата. Услугата, се разбира, чини пари.
За малку војна
„Чекпоинт Чарли“ влезе во историјата всушност најмногу поради еден инцидент во 1961 година, кога токму на ова место, во поделениот Берлин, едни наспроти други за неколку часа се најдоа советски и американски тенкови во полна борбена готовност. Одмерувањето на сили, што можеше лесно да се претвори и во отворен воен конфликт, остана во сеќавањето како симбол за студената војна. За тоа време сведочат и експонатите во музејот „Чекпоинт Чарли“. На три ката може да се видат многубројни предмети, фотографии и филмови што го отсликуваат тоа време: „Спроти границата има источно-германски полицајци, вооружени и со поддршка на советските трупи, кои треба да спречат граѓаните на Источен Берлин да дојдат во американскиот сектор“, ја објаснува ситуацијата водителот во еден американски воен филм од тоа време.
Во музејот има опширна документација и за востанијата во поранешната Германска Демократска Република, како и за бројните обиди за пребегување во западниот сектор. Тука е еден кајак за тајно минување на реката Шпреја, потоа балон за прелетување на ѕидот, како и своерачно изграден мал авион.
Посетителите се одушевени
„Одлично, морам да признаам дека малку знаев за европската историја, а тоа е дел со кој навистина би требало повеќе да се позанимавам. Музејот е многу информативен и ме одушевуваат сите предмети што се лично собирани“, вели еден Британец.
„Навистина прекрасно, многу ме радува што постои овој музеј. Според мене, многу е важно младите да доаѓаат овде и да можат сето ова да го видат. Битно е да се сочува вакво нешто за да не ни‘ се случи никогаш повеќе“, објаснува еден германски турист.
За раководителката на музејот, Александра Хилдебрант, колекцијата предмети и документи поврзани со поделбата на Германија се и многу личен спомен, бидејќи таа потекнува од Германската Демократска Република каде се ангажирала како борец за човекови права и слободи: „Многу сум благодарна за она што се случи во Германија, за паѓањето на Берлинскиот ѕид. Посебно сум им благодарна на луѓето кои учествуваа во народното востание во 1953 година, тоа беше имено, првото масовно бунтување против советската окупација. Без него немаше да биде можно ни подоцнежното паѓање на ѕидот, ниту пак, ослободувањето на Источна Европа“, појаснува раководителката на музејот „Чекпоинт Чарли“, кој е еден од двата најпосетени музеи во цел Берлин.
Автор: Уте Мајер / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска