Санадер на гости во Берлин
14 јуни 2006Тема на разговорите, како и на предавањето во претставништвото на ЕУ во Германија беа перспективите на Хрватска да му се придружи на европското семејство во скоро време.
„Хрватска може да ги одмерува силите. Да не беше војната од 90-тите години, Хрватска уште одамна ќе беше членка и на ЕУ и на НАТО„ – самоуверено порача во Берлин хрватскиот премиер Иво Санадер на чист германски.
Според него земјата се развила и направила големи чекори напред по војната за независност. Негова амбиција е да ја доведе Хрватска во ЕУ во 2009-та година. И тоа на обострана корист:
„На ЕУ и‘ треба Хрватска како скорешна полноправна членка. Во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хрватска веќе денес како кандидат за прием презема важни задачи. Хрватска дејствува како решавачки фактор на стабилност и мост на ЕУ кон Југоисточна Европа на непосредна корист на целата Унија. Хрватска во историска и културна смисла спаѓа во јадрото европските држави, како што е случај со Франција, Германија или Унгарија.„
Ваквиот оптимизам на хрватскиот премиер не е попуст. Неговата земја има полна поддршка од Германија на патот кон ЕУ.
„Имаме многу добри односи меѓу Германија и Хрватска. Секогаш сме ја поддржувале Хрватска во процесот на пристапување кон ЕУ. Преговорите за прием почнаа и се радувам што развојот е многу успешен и што во земјата има добар екомномски, но и политички развој.„
Германската поддршка би можела да одигра голема улога во првата половина од наредната година, кога Германија ја презема претседателската палка со ЕУ. Санадер изрази надеж дека до тогаш ЕУ ќе се опорави од заморот што се однесува до проширувањето и дека ќе се обиде повторно да го донесе европскиот устав. Тоа би бил охрабувачки сигнал за целиот Балкан:
„Знам дека за Германија и други важни држави на Европа тоа може во моментов да звучи малку чудно, ако некој зборува за земјите од ЈИЕ како можни членки на ЕУ. Но, на тие земји не смее да им се затворат вратите на ЕУ„ – порача хрватскиот премиер Иво Санадер во Берлин.