Само почеток на апсењето „крупни риби“ во Црна Гора?
27 декември 2010Спектакуларната акција ги изненади граѓаните на Црна Гора повеќе отколку оставката на повеќекратниот премиер Мило Ѓукановиќ. Такво нешто не очекуваше ниту потпретседателот на владата во оставка Светозар Маровиќ, кој истакна дека всушност тој бил „политичка цел на акцијата“. Во тоа секако има и вистина бидејќи се уапсени личности кои се многу блиски на најмоќниот Будванец, а познато е истотака дека тој цели 20 години е неприкосновен владетел во „метрополата на црногорскиот туризам“.
Пукна тиквата во владејачката партија
Затоа овие денови во црногорската јавост се поставува прашањето дали и Светозар Маровиќ како и неговиот брат Драган , кој е потпретседател на Будва и градоначалникот на таа општина Рајко Куљача ќе се најде пред истражниот судија, со оглед дека во почетокот бил вклучен во спорниот проект за изградба на апартманска населба на полуостровот Завала во Будва. Отворено е и прашањето дали Маровиќ преку нему блиските пријатели во црногорскиот парламент ќе се обиде да го опструира изборот на нова влада на Црна Гора на чие чело би требало да се најде Игор Лукшиќ. Засега единствено е извесно дека односите на досегашниот премиер и лидер на Демократската партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ и неговиот заменик во владата и во партијата Светозар Маровиќ . инаку двете најмоќни личности во Црна Гора во последните две децении, повеќе нема да бидат пријателски. Тоа е потврдено со фактот дека Маровиќ не присуствуваше на последната седница на Претседателството на ДПС.
Јавноста бара апсење на „крупните риби“
Проширување на истрагата во овој случај бараат невладините организации и опозицијата. Обвинителството соопшти дека планира да заплени и имот на уапсените функционери кои меѓу другото се товарат дека одобриле нелегална изградба и со тоа на општинската каса и нанеле повеќемилионска штета.
Лидерот на опозициската партија Нова српска демократија Андрија Мандиќ вели дека апсењата во Будва се чекор во вистинска насока во рамките на борбата со корупцијата и организираниот криминал:
„ Тоа е патот кон крупните риби. Досегашна Црна Гора беше заболена од криминал и корупција и без апсења, правосилни пресуди , без цела низа мерки кон досега најодговорните луѓе во земјата, ние нема да можеме да одиме напред“.
Отплеткување на цели јазли
Констатирајќи дека веќе 20 години во Црна Гота се преплетуваат криминалот и политиката , аналитичарот Светозар Јовичевиќ за Дојче Веле истакнува дека сега е најважно институциите да започнат да ја работат својата работа:
„Јас стравувам дека оваа е само обид за залажување. Односно преку неколку покрупни жртви, работата да се сведе на истотото што досега го имавме. Но тоа не е можно. Тој процес ако започне , не може да запра. Едноставно ќе бидеме сведоци на отплеткување на цели јазли. Тоа нормално мора да произведе голем стрес. Но низ тоа мораме да пројдеме, колку побргу толку подобро“, додава Јовичевиќ.
Значи Црна Гора влегува во многу возбудлив период, во кој , како што оценуваат некои експерти ќе започне да се урива пирамидата на сраснати делови од власта и криминалот.
Автор: Мустафа Цанка/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска