САД – ОН: специфичен однос меѓу светската супер-сила и светската организација
22 септември 2004Во кругови на владеачките републиканци терминот ОН има речиси навредлив призвук, или барем е синоним за еден вид супер-влада на која супер-силата Америка во никој случај не би смеела да и‘ се подреди. “Ако верувате дека ова земја е најдобрата надеж за демократијата во светот, а не ОН, тогаш вие сте републиканци” – ја дефинира суштината на републиканското гледиште гувернерот на Калифорнија Арнолд Шварценегер на конвенцијата на партијата неодамна во Њујорк. На истата манифестација потпретседателот Дик Чејни го жигоса демократскиот кандидат за претседател Џон Кери како приврзеник на ОН: “Сенаторот Кери ја започна својата политичка кариера со изјавата дека во иднина американски војници би требало да појдат во војна само на директива на ОН”. Извиците на негодување по овие зборови сведочат за тоа дека ОН се непопуларни во Америка, посебно откако Советот за безбедност одби да и‘ даде легитимација на владата на Буш за војната во Ирак.
Односот натамошно го оптовари едно интервју на генералниот секретар на светската организација Кофи Анан во кое тој и дополнително ја означи војната како илегална. “Ги респектираме неговите гледишта, но постојано јасно стававме на знаење дека по тоа прашање ние имаме инакво мислење” – прокоментира Ричард Баучер, портпарол на Министерството за надворешни работи.
Недовербата со која во Америка се гледа на ОН, сепак не ја одврати владата да се послужи со светската организација кога е тоа од американски интерес. На пример, во случајот со заедничката резолуција со Франција и Германија во која се бара повлекување на сириските војници од Либан, или пак во хуманитарната криза во суданскиот регион Дарфур. САД сметаат на ОН и во однос на креирањето на повоеното уредување на Ирак, пред се‘ при спроведувањето на изборите, планирани за јануари наредната година, но се‘ повеќе доведени под прашање со оглед на безбедносната ситуација. “Учеството на ОН е многу важно. Ако се има предвид сегашната безбедносна ситуација, тогаш присуството на ОН во Ирак не е толку робустно, колку што сите ние би го посакале” – вели американскиот амбасадор во ОН Џон Данфорт.
Но, за компликуван однос секогаш се потребни двајца. Во моментов се чини оти е секако за сомневање дека ОН ќе се потчинат на американското агитирање за поголема поддршка во Ирак.