Референдум: Ципрас сака да создаде факти
27 јуни 2015По итната седница на кабинетот, Ципрас нешто пред еден часот изутринава се појави пред камерите и најави одржување референдум за една недела (5.07.2014). Предмет на референдумот ќе биде „прифаќање или отфрлање на предлозите од страна на институциите“, рече премиерот. За ова веќе ги информирал францускиот претседател Франсоа Оланд, канцеларката Ангела Меркел, како и шефот на Европската централна банка, Марио Драги.
Ципрас се пожали на „уценувачки ултиматум“ од страна на кредиторите и ги повика Грците со „решителност, но и опуштеност да дадат одговор на авторитарноста и строгата политика на штедење“. И покрај својот цврст став, левичарскиот политичар сепак упати молба до кредиторите: тие треба да ја продолжат за неколку дена програмата за спас, која истекува на 30 јуни, за народот слободно и „без притисок и уценување“ да може да донесе одлука.
Политикологот Лефтерис Кусулис е огорчен и вели дека владата на Ципрас од почеток водела привидни преговори и многу ја изневерила довербата на ЕУ-партнерите. „Се чини оние на власт отсекогаш имале план да создадат услови за излез на Грција од еврозоната и притоа да ја изолираат земјата, а потоа да ја сталинизираат“, оценува аналитичарот во разговор за ДВ.
Министрите за финансии на еврозоната сакаа денеска во Брисел да се усогласат околу реформскиот пакет за Атина, но веројатно нема ниту да се состанат, убеден е Кусулис. Во секој случај оваа средба нема веќе никаква смисла, тврди тој.
Долга ноќ на несигурност
Со говорот за референдумот премиерот си го изнесе и својот личен став, оцени политичкиот аналитичар Стратос Балис за телевизијата Скај и додаде дека пледирањето на Ципрас за отфрлање на предлозите за штедење е еднострано.
Уште појасно тоа во раните утрински часови денеска го формулираше министерот за внатрешни работи Јоргос Катругалос: „Ние сакаме подобар договор, сакаме благосостојба во Европа. Затоа сме против. Се‘ друго би било како да си ја потпишеме сопствената смрт и смртта на нашите деца“, рече тој во едно телевизиско интервју. Претседателката на парламентот Зои Константинополу го повика населението на „акт на отпор“ и најави дека парламентот попладнево ќе одржи вонредна седница и ќе разговара околу референдумот. Коментаторите сметаат дека се можни турбулентни сцени во текот на дебатата.
Непосредно по телевизискиот говор на премиерот голем број луѓе поитаа на автоматите за пари на улиците на Атина и другите грчки градови. Преголеми редови за чекање немаше, најверојатно поради доцните ноќни часови. Според информации на телевизијата Антена, во текот на изминатата ноќ имало и инциденти меѓу радикални демонстранти и полицијата во центарот на Атина. Меѓутоа, најверојатно станува збор за одделни инциденти.
Остри критики од страна на опозицијата
А што ако Грците, наспроти сите очекувања на владејачкиот левичарски сојуз, се одлучат „за“ договор со кредиторите? На ова прашање министерот за внатрешни работи Катругалос даде, од своја страна, едноставен одговор: „Ако народот се одлучи да биде потчинет, ако народот сака да се убие, тогаш тоа е едноставно одговорот на народот“.
Водечките опозициони политичари се спротивставуваат на ваквите ставови. Шефот на конзервативците Андонис Самарас го обвини премиерот поради намерата за одржување референдум за членство во еврозоната, додека поранешниот министер за финансии, социјалистот Евангелос Венизелос зборува за „обид за пуч“ на левичарскиот сојуз. Димитрис Циодрас, портпарол на социјалдемократската партија То Потами се обиде со малку иронија: „По пет месеци на функцијата, премиерот донесе одлука дека не може да донесе заклучок за прашањето дали Грција да остане во еврозоната. Намесо тоа, тој сега сака резултатот од неговите преговори да му го стави на товар на грчкиот народ.“
Во меѓувреме возбуда предизвика предупредувањето од страна на голем број левичарски политичари дека оној кој ќе се изјасни за договор со кредиторите, се крие со нив под ист покрив. Политикологот Кусулис е огорчен: „Овие луѓе ја третираат власта како цел сама за себе и сакаат да внесат раздор во нашето општество“, предупреди тој во разговор за ДВ.