Реакции на Берлин на победата на Јушченко
29 декември 2004На честитките на канцеларот им се приклучи и една покана - Герхард Шредер на новиот украински претседател му напиша дека би се радувал кога би имал можност да го поздрави набргу Јушченко како гостин во Берлин. Двајцата политичари досега се познаваат малку. И во времето кога Јушченко беше премиер, од крајот на 1999 година до април 2001-ва, постојан партнер за разговори на Шредер му беше досегашниот украински претседател, Леонид Кучма. Како канцеларот, така и министерот за надворешни работи, Јошка Фишер, изразија надеж дека Јушченко ќе спроведува политички и економски реформи и најавија германска поддршка за реформите.
Дали ваквиот реформски пат ќе ја однесе Украина на крајот во ЕУ, за повеќето германски политчари е сеуште многу неизвесно. ”На Украина не и е потребна нова драматична понуда на ЕУ”, коментира политичарот на СПД, Гернот Ерлер. Според него, члентсво во ЕУ не е видливо на хоризонтот. За Украина има многу симпатии, но натамошна дискусија околу приклучување, како примерот со Турција, не е паметна, вели Ерлер. И партискиот колега на Ерлер, Герт Вајскирхен, пледира за изградба на политиката на ЕУ кон Украина:
”Германија и Полска ќе се обидат во рамки на ЕУ да поведат заедничка иницијатива за подобрување на инструментите на ЕУ кон ЕУ.”
Притоа, според Вајскирхен, важно е руската влада да не се чувствува прегазена. Добро соседство меѓу Русија и Украина е во интерес на Европа.
И опозицијата е воздржана во однос на перспективата на Украина за приклучување кон ЕУ: Според политичарот на ЦДУ за надворешна политика, Фридберт Пфлигер, Украина уште долго нема да седи на масата во Брисел, но ЕУ треба да ја врзе за себе особено тесно.