Реакции во политички Берлин по изборите во покраината Саар
6 септември 2004Неделните избори во западната германска покраина Саар донесоа тежок пораз за владеачката партија: социјалдемократите мораа да се соочат со загуба на цели 14% во однос на претходното изјаснување на бирачите. За разлика од нив, опозиционата Христијанско демократска Унија уште повеќе ја засили својата позиција и може сега уште посуверено со апсолутно мнозинство да владее во оваа покраина. Покрај тешкиот пораз на социјалдемократите - и засилувањето на позициите на помалите партии денеска беше една од главните теми на состаноците на партиските раководства во политички Берлин.
“Тоа беше изборна кампања, што се водеше решително против сојузната влада и против сојузниот канцелар. Јас сепак посакував подобар изборен резултат за моите пријатели во Саар“ - изјави канцеларот Герхард Шредер денеска во Берлин, повикувајќи ги истовремено своите сопартијци да не се занимаваат со расправа околу она што е веќе непоправливо минато, туку да го свртат погледот напред кона наредните изборните одмреувања на силите. Оваа забалешка на Шредер оди на сметка на дел од раководните фигури на СПД на покраинско ниво, кои во изборната битка се обидоа да се дистанцираат од политиката на нивната партија на сојузно ниво, свесни дека отпорот меѓу граѓаните против скусувањата на социјален план можат да донесат лоши изборни резултати и за нив. Така на пример претставникот на левото крило во СПД, Отмар Шрајнер побара дури повлекување на непопуларните мерки на сојузната влада. Генералниот секретаар на партијата Клаус Уве Бенетер меѓутоа апелираше до сопартијците да не одат во дефанзива и побара целата СПД да остане на започнатиот курс.
“Кабинетот и на викендот сосема јасно стави на знаење дека сега станува збор за спроведување на започнатото. Не смееме луѓето понатаму да ги збунуваме. Она што го почнавме е исправен чекор за намалување на невработеноста!“
Генералниот секретар на СПД исто така оцени дека големо влијание на лошиот изборен резултат имал малиот одзив на бирачите. “Нам не ни избегаа бирачи во таборот на опозицијата, туку нашите бирачи минаа во таборот на апстинентите“ - посочи Бенетер. На вчерашните покраински избори имено излегоа само 55% од граѓаните со право на глас, што е најмало учество во една западна германска покраина во поновата историја.
Претседателот на германскиоот Парламент Волфганг Тирзе порача дека неизлегувањето на избори само ги засилува оние сили кои граѓаните најмлаку би сакале да ги видат на власт. Тирзе алудира на 4-те проценти што ги освои десно-радикалната НПД, која водеше популистичка пропаганда против ионака непопуларните мерки на сојузната влада. Таа според анализата најголем одзив имала кај невработените, кои се и најпогодени од реформските зафати на владата на Шредер.
Победникот на изборите, досегашниот премиер на покраинската влада, Петер Милер, порача:
“Покажавме дека сме во состојба да составиме сопствено мнозинство за влада и тоа врз основа на консеквентна политикчка работа. Сметам дека тоа ќе ни даде полет и за покринските изборио во Саксонија, Бранденбург, како и за комуналните избори во Северна Рајна Вестфалија.“