Рајс од Берлин продолжува за Букурешт
6 декември 2005Домашните и странските новинари можат да пишуваат што сакаат околу аферата со тајни затвори на ЦИА на европска почва, но шефот на романската дипломатија Михаи Унгуреану е решен да не дозволи отстапувања од протоколот, а тоа значи исклучување на потенцијално непријатните прашања.
„Тоа никогаш не било случај, Романија никогаш немала каква и да е врска со таквите обвинувања„ – јасно и гласно посочи домаќинот на високата гостинка од Вашингтон.
Ваквата решителност да се исклучат потенцијално непријатните теми за тајните активности на американската тајна служба на романска почва има и разбирлива причина. Кондлиза Рајс не доаѓа во Букурешт од куртоазни причини, туку за да ги потпише договорите за отворање американски воени бази во Романија. Ова е голем момент за земјата, смета Унгуреану, тоа е чест на која нашите родители и нивните родители чекаа цели 60 години. Одушевувањето е големо, иако базите нема да бидат толку големи, колку што очекуваа Романците:
„Тие не можат да се споредуваат со базата во германски Рамштајн. Напротив нивната големина е редуцирана, како по прашањето на логистиката, така и по прашањето на персоналот и тие се дизајнирани за оперативна употреба.„
Фактички уште не се до крај прецизирани ни местата каде ќе бидат стационирани американските војници. Како најизгледни локации се спомнуваат Бабадаг, блиску до делтата на Дунав, потоа Фетеши, околу 200 км источно од главниот град Букурешт и секако воениот аеродром Михаи Когалничеану, во близината на Црното море. Него Американците веќе го користеа за време на ирачката војна во 2003-та. Ваквата отвореност на Романците се должи секако и на длабоките врски со САД. Тие добија огромна поддршка од Вашингтон за минатогодишниот прием во НАТО и на тоа возвратија со испраќање свои војници во мисиите во Авганистан и во Ирак.
Од друга страна, Романија сака наскоро да влезе и во ЕУ и јасно и‘ е дека европските партнери со скепса гледаат на предлабоките односи со САД. Тоа се огледа и во актуелната афера околу тајните затвори и летови на ЦИА. За да ги надмине сомневања од Брисел, шефот на дипломатијата Унгуреану побара од групите за заштита на човековите права докази за тврдењата дека ЦИА имала дури тајни затвори на романска почва.
„Ние ја замоливме организацијата Хјуман рајтс воч да ни поднесе докази. Ние не сме добиле никакви докази за т.н. индикации.„
Романската територија најверојатно била користена од ЦИА за таен транспорт на лица осмничени за тероризам. Затвори од типот на оној во американската база Гвантанамо веројатно немало, вели и Дик Марти од „Хјуман рајтс воч„. Осомничените веројатно останувале на романска почва само привремено по 20 до 30 дена, што е многу тешко да се докаже.