Протести во Берлин против директивите на ЕУ за услужните дејности
12 февруари 2006Шефот на Здружението на германските синдикати Михаел Зомер на завршната манифестација порача дека прифаќањето на предложените мерки би отворило можност за нефер конкуренција меѓу претпријата што нудат услужни дејности. Германските работници стравуваат од поплава на поефтини услуги од новите членки на Унијата од Источна Европа.
„Се плашиме дека нашите занаетчиски претпријатија нема повеќе да бидат конкурентни, доколку кај нас можат да се нудат услуги под полски или летонски услови. Со такви надници таму може одлично да се живее, но кај нас не!„ – порача пред насобраните демонстранти Франкс Бсирске, шефот на еден од најголемите синдикати од услужната бранша.
Предлогот на Европската Комисија, што в четврток ќе се најде и на дневниот ред на Европскиот парламент предвидува претпријатијата да можат да нудат свои услуги во сите земји членки на ЕУ под услови што владеат во земјите од кои потекнуваат. Шефот на германските Синдикати Михаел Зомер најави продолжување на протестите:
„Тоа ни дава верба дека ќе победиме и во наредните етапи. А на претставниците на партиите и на владата им порачувам: добро ги слушаме вашите пораки, но очекуваме сходно на тоа и политички да дејствувате.„
Политичарката од редовите на социјалдемократската партија, која беше соорганизатор на протестниот собир, Андреа Налес, порача:
„Ова денеска го сфаќаме како поддршка за парламентарците кои спречлија да бидат поткопани правата на работниците во Германија. Борбата очигледно уште не е завршена.„
Евро-комесарот за индустрија, Гинтер Ферхојген, пак вчера вети:
„Ќе добиеме такви директиви, кои обезбедуваат да нема доаѓање на ефтина работна сила, никаков социјален дампинг, еколошки дампинг, дампинг по основа на квалитетот... Тоа ќе бидат директиви што ќе ги ослободуваат сите стопански потенцијали и ќе ја зголемат стапката на вработеност„ – нагласи Ферхојген.