Произволно повлечените граници на Блискиот Исток - постојан извор на конфликти
26 јуни 2014Еден британски полковник и еден генерален конзул од Франција на почетокот влијаеjа на развојот на ситуацијата во денешен Ирак. Станува збор за Марк Сајкс и Франсоа Пико. Тие во 1916. година го развија и според нив го нарекоа познатиот „Сајкс-Пико“ договор. Во овој таен документ тие ја регулираа поделбата на територија која беше под Османлиското царство, без знаење на населението.
Она што е посебно пикантно е дека во тоа време сe‘ уште постоело Османлиското царство. Калиф, односно духовниот и политички лидер, прво бил султанот Мехмед V (1909-1918), а потоа Мехмед VI (1918-1922). Политички Османлискиот калифат престанал да постои во ноември 1922-ра, по основањето на модерна Турција од страна на Мустафа Кемал Ататурк. Спиритуалниот калифат на Османлиите постоел сѐ до март 1924-та, кога на иницијатива на Ататурк турскиот парламент донесол соодветен закон.
Повлекување граници како политичка калкулација
Двете најважни воени сили во тоа време, Велика Британија и Франција, имале голем интерес за областа која се протега меѓу Медитеранот и Персискиот залив. Во Лондон уште на почетокот на 20. век сфатиле колку би можел да биде важен пристапот до областите богати со нафта. Освен тоа, таа област била на патот кон нивната најважна колонија - Индија. Владата во Париз повторно имала низ историјата изградени историски врски со пристаништата на Средоземјето, како што се Бејрут, Сидон или Тајрус, што сакале да ги осигураат со договорот „Сајкс-Пико“.
Каква ќе биде судбината на локалното население, тоа на тогашните најважни воени сили - Велика Британија и Франција, им било сеедно. Британецот Сајкс границата ја повлекол со слободено движење на перо меѓу две зони на надлежност: од Киркук (денешен Ирак) па илјада километри во правец на Хаифа. „Вештачки повлечената граница на државата во текот на изминатите децении беше извор на многу конфликти“, вели Хенер Фуртиг, директор на ГИГА-институтот за блискоисточни студии во Хамбург. „Овие прашања останаа нерешени цел еден век и излегуваат на површина речиси конјуктурно, како што е сега случајот со ИДИЛ во Ирак“, додава тој.
Поместено разбирање на историјата
Така, во регионот се создадоа држави чие население е составено од голем број различни етнички групи и вери. И токму на тоа со своето делување се надоврзува терористичката група „Исламска држава во Ирак и Сирија“-ИСИС (или „Исламска држава во Ирак и Левант“-ИДИЛ) со своето барање за великоисламска „божја држава“ во форма на калифат. „Самото име упатува на тоа дека тие сакаат да се обидат надвор од сила да го стават империјалистичкото повлекување на границите во регионот“, укажува Фуртиг.
Процут ваквата форма на управување доби во последните 400 години од османлиското владеење. Меѓутоа, она што борците на ИДИЛ го забораваат е фактот дека за Арапите тоа било време на странско владеење, владеење на османлиските калифи. Но, и покрај тоа, тие калифатот, како што смета Хенер Фуртиг, го гледаат како природна државна форма за муслиманите-верници. „Јас не зборувам за можности за реализација на тоа, туку зборувам за она што може многу успешно да се шири како пропаганда.“
Со оглед на продорот на ИДИЛ во Ирак, многу набљудувачи на ситуацијата предупредуваат на распад на политичкото систем во земјата. Хенер Фуртиг смета дека развојот на ситуацијата во Ирак внимателно го следат и соседните земји Турција и Иран, кои исто така ги карактеризира мешавина на етнички групи и вери. „Распаѓањето на државата и последиците кои тоа со себе ги носи би биле кобни за Турција или за Иран. Такво сценарио никој не сака“, нагласува тој. Освен тоа, додава директорот на ГИГА-институтот за блискоисточни студии, Ирак како држава има искуство со големи кризи. „Граѓанската војна во Ирак 2006. година беше исто така лоша како и сегашната војна. Тогаш за само една година загинаа 34.000 цивили, но и покрај тоа државата не се распадна“.