Продолжува изградбата на еврејскиот споменик во Берлин
14 ноември 2003Во Берлин долго се дискутираше за изградба на споменик на Холокаустот- особено околу местото и изгледот. Во меѓувреме споменикот почна да се гради, но тоа не ги намали дебатите. Станува збор за тоа дали треба да се користи материјалот кој го произведува компанија, чија сестринска фирма за време на националсоцијализмот го произведувала отровниот материјал, со кои беа убивани Евреите во концентрационите логори. Одговорот доаѓа од кураториумот одговорен за изградба на споменикот, а го пренесува Силке Бартлик
Споменикот за убиените Евреи од Европа треба да биде изграден со учество на сите фирми, кои досега добија налози. Ова е заклучокот по тешките дискусии на вондредната седница на кураториумот на фондацијата. Волфганг Тирзе, претседателот на Бундестагот и претседател на Гремиумот рече:
"Овој споменик е споменик кој го гради целото германско општество. До сега не постоше ниту еден аргумент кој би исклучил делови од општеството, односно одредени фирми. Поради ова мнозинството на Кураториумот , одлучи дека не треба да се исклучуваат компаниите чии сестрински фирми од минатото на најлош начин се поврзани со злосторствата од нацистичкото време," аргументираше Тирзе.
Поради оваа одлука фирмата Дегуса и понатаму ќе ги испорачува материјалите потребни за изградба на споменикот.
За време на Националсоцијализмот, сестринската фирма на Дегуса од минатото, Дегеш, го произведуваше отровниот гас "Циклон Б" , со кој беа убиени милиони Евреи. Денешната Дегуса е друга фирма, нагласи Тирзе. Кураториумот гласаше против нејзиното исклучување и од практични причини. Имено такво нешто значително би ги зголемило трошоците и би предизвикало правни проблеми.
" Оваа дебата во кураториумот и онаа во германската и делумно во меѓународната јавност од пред три недели е дел од процесот за изградба на споменикот. Одново го дознавме она што не е ново: дека минатото се провлекува и во сегашноста."
Емоциите и аргументите на оваа дебата треба да бидат зачувани во центарот за документација на споменикот. Иницијаторката за споменикот , Леа Рош, откако ја дозна одлуката покажа олеснување и загриженост истовремено "Важно е споменикот да биде изграден, бидејќи би било жалосно Евреите да не го добијат", изјави Рош.