Притисок врз Бугарија и Грција за да го признаат македонското малцинство
11 октомври 2005Европската слободна алијанса е европска политичка партија присутна во 11 земји членки на Европската Унија и брои 33 партии членки. Таа има повеќе од 200 избрани претставници на европско, национално и регионално ниво. Во оваа партија се зборува на 24 јазици, меѓу кои и македонскиот. На 5-ти септември годинава, Европската слободна алијанса преку писмо побара од Бугарија да го признае македонското малцинство.
- Тоа ќе биде еден основен, но важен чекор, односно признавање на сите права, признати со конвенцијата за заштита на правата на малцинства, со што ќе биде признато правото слободно да се декларираат дека им припаѓаат на македонското малцинство, ни објаснува Ева Мендоза, политички советник и ко-директор во партијата.
Побарано е и регистрирање на партијата „ОМО Пирин“ и Бугарија да го појасни членот 44 од нејзиниот Устав, со кој таа е дефинирана како еднонационална држава.
Одговорот сеуште не е пристигнат од бугарската влада. Според претседателката на Европската слободна алијанса, Нели Маес, на сличен начин тие во повеќе наврати и се обратиле и на грчката влада околу ситуацијата на македонското малцинство во Грција, бидејќи
- Меѓу земјите членки на Унијата, Грција е една од земјите кои на овој план стојат најлошо. Од гледна точка на нетрпеливост кон малцинствата, Грција е таа која ни создава најголеми проблеми.
Таа признава дека е многу потешко да се изврши притисок врз старите земји членки на Унијата да ги почитуваат правата на малцинствата. “Еднаш членки, тоа значи дека земјата ги почитува правата и ако бидат прозвани тие велат дека им се мешаме во внатрешните работи“. Но кога земјите се кандидати тие треба да ги исполнат критериумите од Копенхаген.
- Точно затоа ние сега вршиме притисок врз Бугарија, која е во процесот на зачленување, исто како и врз Романија и се разбира Турција. Преку комисиите кои го следат напредокот на Бугарија во процесот на зачленувањето, ние гледаме дека можеме, како што тоа беше и случајот со Словачка, преку притисок да им помогнеме на малцинствата.
За начинот на кој Европската слободна алијанса ќе му помогне на македонското малцинство во Бугарија, Нели Маес вели:
- На лице место заедно со нив ќе го проучиме начинот на кој најдобро ќе можеме да им помогнеме, ќе зборуваме со печатот, со властите. Ако тие не одговорат, повторно ќе им пишуваме и ќе ги потсетиме преку печатот дека сеуште немаме одговор на писмото.
Во седиштето на партијата со жалење констатираат дека немаат големо влијание врз одлуките на ниво на Европскиот совет, и дека би било добро Европската унија да изврши поголем притисок. Но, сепак се надеваат дека државите членки на Европската Унија ќе направат поголеми напори во однос на малцинствата.
Примерот со Каталонците во Шпанија е само потврда на еволуцијата на правата на малцинствата,
- Тоа е само сон за иднината на малцинствата во Бугарија, иако сеуште има недоследности и во Шпанија, ни вели Ева Мендоза.
Од своја страна, Нели Маес, околу залагањата на Европската слободна алијанса за правата на малцинствата нагласува:
- Ние се залагаме за еволуција во демократија и мир. Ние не сакаме насилство, демократијата дава можности да се создадат институции кои можат да одговорат на проблемите. Ние не бараме независни држави за секое малцинство, малцинствата се тие кои треба да ја понесат одговорноста за нивната автономија.