Приближување на Балканот кон ЕУ - задача на Италија
21 јуни 2006“Зидојче Цајтунг“ пишува:
“Новиот италијански министер за надворешни работи, Масимо Далема, ќе се залага за брзо приближување на Западен Балкан кон ЕУ. Тоа е национална задача на Италија. Во спротивно, по скорешното приклучување на Бугарија и Романија, во срцето на ЕУ би се создало подрачје кое е исклучено, изјави на средба со повеќе странски новинари, претседателот на најголемата владеачка партија – левите демократи. Особено важна е интеграцијата на Србија, штом земјата ќе се ослободи од нејзиниот радикален национализам. Што се однесува до перспективата на Турција, Далема е многу воздржан, со оглед на тоа што граѓаните на ЕУ со многу скепса гледаат на прием на Анкара. Тоа ќе важи уште повеќе доколку Турција набргу не го промени ставот во спорот со Кипар. “
Весникот “Ди Велт“ на тема европски интеграции, објавува интервју со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ. Во интервјуто, меѓу другото, Иваниќ вели:
“Најважно е што во Салцбург беше постигнат многу јасен договор дека за земјите од регионот перспективата гласи – целосно членство. Тоа што шансата сеуште живее, за нас во моментов е најважниот напредок. Околу најважната домашна задача што ја има земјата, Иваниќ, за Велт, вели: “Не можам да кажам кога Младиќ и Караџиќ ќе му бидат испорачани на Хашкиот трибунал. Знам само дека имаме меѓународна обврска и дека нема да функционира никакво барање оправдувања“. Иваниќ не верува дека изјавата на премиерот на Република Српска, Милорад Додик за можен референдум за изгласување независност на овој ентитет била само реакција на неуспехот на усвојувањето на уставните реформи. “Беа потребни уште само два гласа на Бошњаците и Хрватите за да се усвојат уставните реформи со кои би биле гарантирани и правата на Србите во федерацијата. Затоа Србите во тој момент помислија дека е можеби попаметно да бараат независност.“ Иваниќ, на разговорите за идниот статус на Косово гледа со голема загриженост: “Меѓународната заедница многу бргу ги прифати ставовите на Албанците кои сакаат да бидат независни. За другите е тешко да прифатат решение со кое не се задоволни и тогаш настанува проблем. Мислам дека би можело да дојде до натамошна фрагментација на целиот регион, која би била фатална“, вели во интервју за весникот “Ди Велт“, босанскиот министер за надворешни работи, Младен Иваниќ.
Од другите теми кои денеска се главна преокупација на германските коментатори, посебно се издвојуваат анализите на почнатата дебата во парламентот околу буџетот.Предлогот на буџетот предвидува ново задолжување од 38,2 милијарди евра, што би било петто по ред прекршување на границата на дефицит што ја предвидува ЕУ, а која изнесува 3% од бруто домашниот производ.
“Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ коментира:
“Германското стопанство се развива релативно брзо. Сепак, големата коалиција сака неделава да го усвои првиот овогодишен предлог буџет во кој новите задолжувања ќе бидат поголеми од кога било досега. Политиката на тој начин сака да го унапреди стопанството уште повеќе. Притоа, не треба да се заборави дека моментната стабилна економска ситуација во светот пружа можност за брзо консолидирање на државниот буџет. Малку е веројатно дека условите наредната година ќе бидат подобри. Државниот долг без сомневање ќе биде уште поголем. Доколку Германија е земја која, како што рече канцеларката Меркел, треба да биде санирана, тогаш одолговлекувањето за преземање конкретни чекори не помага ниту малку.“
“Франкфуртер рундшау“ наспроти тоа, верува дека губитник во дебатата околу буџетот е опозицијата:
“ФДП, Зелените и Партијата на левицата во Бундестагот можат да се напрегаат колку сакаат, но во времиња на голема коалиција главниот политички судир не се случува меѓу владата и опозицијата, туку во рамки на коалицијата. Тоа се покажа не само по прашањата на здравствената реформа и даноците за претпријатијата, туку и во дискусијата за буџетот триењата меѓу унијата и СПД предизвикува тензии и тензии. Заемните обвинувања на владеачките партии не само што ги покажуваат поделбите меѓу коалиционите партнери, туку демонстрираат и незадоволство со сопствените постигнувања.“