Предизборната кампања во Израел досега не е толку жешка, колку што е вообичаено
10 март 2006„Жешката фаза“ во предизборната кампања во Израел, започната на 7-ми март, овој пат досега не е толку жешка, како вообичаено. Тоа не е само затоа што поранешниот премиер Ариел Шарон, која ја формира партијата Кадима, од 4-ти јануари лежи во кома, туку и затоа што неговиот наследник на владините и партиските функции Ехуд Олмерт остана без база за вистински конфронтативна предизборна кампања. Ако прво сакаше да настапи наспрема социјалдемократската „Работничка партија“ и својот поранешен блок „Ликуд“ како порешителен и поубедлив предводник за мировен договор, тој сепак ги споделува иритациите и сомневањата на внатрешно-политичките конкуренти дека можеби за догледно време ќе нема ни шанса за мир.
Со изборот и претстојното преземање на владата на Палестинците од страна на исламистичкото движење Хамас, во Израел е воспоставен национален консензус дека со тие луѓе не треба ни да се преговара, ниту да се негуваат односи во политичкото секојдневие. Напротив, владата на Олмерт повторно презеде целни ликвидации на радикални Палестинци, и ако досега во прв ред беа погодени приврзеници на „Исламски џихад“, веќе неприкриено од Ерусалим се упатуваат закани дека на „списокот за отстрел“ би можел да се најде и Исмаил Ханија, иден премиер од редовите на Хамас, ако тој не го спречи насилството.
На изборите помалку отколку кога и да е досега ќе биде решавано за прашањето за мир со Палестинците, меѓу другото и поради тоа што од Кадима се слушаат слични работи како и од Хамас: мировниот концепт на блискоисточниот квартет, „мапата на мирот“, е мртва. Олмерт истовремено најави и дека ќе расчисти и други населби и ќе го запре натамошното проширување на населби на Западниот брег, оти било подобро парите да бидат инвестирани во развој на градовите во самиот Израел.
За она што засега вчудовидува, има две силни причини: Олмерт очигледно сака да продолжи да ја следи линијата што ја трасира Шарон во појасот на Газа – во наводно отсуство на партнер на палестинска страна, тој донесе решение за еднострано повлекување без каква и да е координација со Палестинците. Тоа сега сака да го направи и Олмерт на Западниот брег – не целосно повлекување, туку еднострано утврдено протегање на идната граница, при што се знае во чиј прилог ќе биде тоа.
Втората причина, меѓутоа, е обидот да се придобијат за Кадима непривилегираните и сиромашни слоеви на населението – пред се’ доселенички семејства од ориенталните земји, кои сега полагаат надеж врз Амир Перец, новиот претседател на Работничката партија. Тој потекнува од Мароко и беше градоначалник на еден град на југот на Израел, кој особено тешко беше погоден од рецесијата. Олмерт сака на луѓето таму да им даде надеж дека неговиот „докажан тим“ од Ерусалим ќе ги извлече од мизеријата, а не „нивниот човек“. Калкулацијата и не му е многу погрешна, оти се истакна со добра работа како градоначалник на Ерусалим, во кој требаше да се совладаат слични проблеми.
Водачот на Ликуд Бенјамин Нетанјаху би требало да има поголем проблем во споредба со Олмерт и Перец: како министер за финансии не се здоби со заслуги за сиромашните, а како премиер од 1996-та до 99-та демонстрираше колку е решителен да спречи мирољубив компромис со Палестинците.
Поради тоа, израелската предизборна борба секако повторно во прв ред ќе се врти околу економски прашања – и уште еднаш без да се осознае и земе предвид дека економската ситуација директно зависи од безбедносната состојба и отсуството на мир.