Преговорите за голема коалиција во Берлин добро напредуваат
8 ноември 2005Така СПД и партиите на конзервативната Унија се договорија околу приоритетите на реформата на федеративниот систем. Сојузните институции според спогодбата ќе добијат поголеми надлежности на полето на одбраната од тероризмот, преку засилувањето на функциите на Службата за борба против криминалот БКА. Поголеми надлежности добиваат сојузните органи и на полето на екологијата, а покраините пак за возврат стекнуваат уште поголеми права кога е во прашање образованието.
Коалиционите партнери постигнаа согласност и околу постепеното покачување на работниот стаж од сегашните 65 на 67 години:
„Се договоривме околу тоа подоцна да се оди во пензија и тоа со 67 години„ – појасни генералниот секретар на ЦДУ, Фолкер Каудер по разговорите. Тоа според него ќе се одвива во повеќе фази и ќе почне од 2010, а ќе стапи потолно на сила дури во 2030-та година.
Коалиционите партнери се договорија и околу едно многу важно надворешно политичко прашање, околу кое постоеја дијаметрално спротиставени позиции. Станува збор за европските перспективи на Турција. Спогодбата предвидува преговорите за нејзино пристапување кон ЕУ да се водат со отворен исход и при тоа особено да се води сметка за почитувањето на човековите права. Спорната формулација на партиите на Унијата за т.н. „привилегирано партнерство„ не се спомнува во спогодбата, појасни поранешниот генерален секретар на СПД Олаф Шолц. Според него остануваат за договарање уште тематските целини како здравствената политика, сообраќајот и:
„Не ги договоривме до крај уште и прашањата што се однесуваат на енергетската политика, односно откажувањето од мирнодопско користење на атомските централи.„
СПД сака да продолжи процесот на откажување, додека ЦДУ и ЦСУ бараат продолжување на работниот век на нуклеарките се‘ додека можат да безбедно да функционираат.
Конечно, важна тема што мора да се договори до крајот на неделата, кога треба да биде потпишан целокупниот коалиционен договор, се даноците. Се преговара околу покачување на данокот на додадена вредност од сегашните 16 на 18, па дури и 20%, што е предлог на партиите на Унијата. СПД го условува прифаќањето на овој предлог со вовоедување дополнителен данок на богатите од сегашните 42 на 45%.
„За мене тоа спаѓа во вкупниот пакет. Сите мораат да носат повеќе одговорност во Германија, и тие кои повеќе можат, треба и да понесат поголем дел од товарот„ – нагласи идниот претседател на социјалдемократската партија, Матијас Плацек.