Прва посета на руски претседател на Израел
27 април 2005Односите меѓу двете земји се добри, но не и неоптоварени, а оваа посета на Путин експертите ја сметаат за уште еден доказ за стратешките промени во руската надворешна политика.
По Втората светска војна Советскиот Сојуз спаѓаше меѓу најголемите поддржувачи на еврејската држава во создавање. Но, во ерата на студената војна, кога Москва се профилираше се повеќе во заштитник на арапските држави, односите со Тел Авив заладија. Дури за време на т.н. Шестдневната војна во 1967-та Советскиот Сојуз ги прекина дипломатските односи со Израел. Но, со тек на време економските и воените ресурси на Советите ослабија и активната проарапска политика на Москва попушти. Така по паѓањето на „железната завеса„ во Европа, Русија и Израел повторно ги воспоставија дипломатските односи во 1991.
Од тоа време Израел се разви во еден од најважните трговски партнери на Русија во регионот на Блискиот исток. За зближувањето меѓу двете земји секако придонесе и опасноста од исламскиот тероризам и конфликтот во Чеченија, што доведе до потесна соработка меѓу тајните служби. Конечно важна улога одигра и масовната емиграција на повеќе од 1 милион Евреи од руско потекло во Израел. Тие ги задржаа контактите со роднините и пријателите во старата татковина и со тоа играат улога на важен мост меѓу двете општества.
Но, односите не се ни сосема неоптоварени. Русија ќе и испорача на Сирија како долгогодишен партнер ракети за против-воздушна одбрана от типот Игла СА 18, наводно не загрозувајќи ја при тоа безбедноста на Израел. Политичарите во Ерусалим меѓутоа поинаку гладаат на оваа зделка. А незадоволство предизвикува и руската технолошка помош за атомската централа во иранскиот град Бушер. Конечно, израелската јавност е вознемирена и од појавите на антисемитизам во Русија, како и од млаката реакција на властите во осудата на овие испади. Официјална Москва, пак, е навредена од фактот што Израел не сака да и ги испорача руските финансиски олигарси, како на пример бараниот сосопственик на нафтениот концерн Јукос, Леонид Невслин.
Токму поради ваквата полифона слика во односите меѓу Русија и Израел, денешната посета на Владимир Путин добива уште поголема важност. Едно е при тоа сигурно: рускиот претседател продолжува да ги напушта старите шаблони на надворешната политика и се обидува да придобие нови партнери на меѓународната политичка сцена, без при тоа да се откаже од старите!