Прв излез на берза во Грција по пет години
23 јули 2014Вкупно 20,67 милиони акции се продаваа по 1,70 евра и со тоа „ЕЛТЕХ Анемос“ можеше да собере нешто над 35 милиони евра. Првично се предвидуваше дека од продажбата на акциите ќе се соберат 40-ина милиони евра. Во контекст на кризата, целта не можеше сосема да се постигне. Претријатието е ќерка-фирма на градежниот концерн „Елактор“ и важи за водечки понудувач во Грција во областа на обновливите енергии. „ЕЛТЕХ Анемос“ е основана во 2000 година и има годишен обрт од 37 милиона евра, а вработува не повеќе од 35 лица
„Емисијата од ’Анемос’ се погрижи за оптимизам на берзата“, оцени атинскиот портал ToVima.gr. Од јули 2009 година никој повеќе не се осмелуваше во Грција да ги повика инвеститорите да вложат свеж капитал. Дали излегувањето на берза од страна на „Анемос“ сигнализира крај на должничката криза во Грција? Теодорос Сиетис, генералниот менаџер на компанијата, сака состојбата да ја разгледува колку што е можно потрезвено.
„Во минатите години економските услови осетливо се подобрија. Всушност тоа и беше една од причините за нас да излеземе на берзата“, вели Сиетис во разговорот за Дојче веле и додава: „Многу поважни беа во секој случај специфичните размислувања во браншата, имено отстранувањето на бирократските пречки и на недостатокот од финансирања за обновливите енергии“.
„Њудил“ за обновливите енергии
Сиетис зборува за усвоениот закон во март со кој во основа се реформира потпомагањето на користењето обновливи енергии во Грција и овој закон од браншата е означен како „Њудил“. Повластените тарифи за фотоволтаиците ќе бидат ретроактивно скратени, а долговите на државата кон понудувачите на струја одново утврдени. На тој начин се санира „ЛАГИЕ“ - хронично дефицитарниот оператор на пазарот на електрична енергија, кој меѓу другото е и одговорен за наплатата на повластените тарифи. Концептот за санирање не е неспорен. Инвеститорите во првите часови се закануваа со тужби поради ретроактивното кратење на нивните соларни субвенции, а старите доверители во „ЛАГИЕ“ жестоко протестираа поради насилно наметнатиот отпис на долговите во износ од над 500 милиони евра.
Теодорос Сиетис сега гледа поголема изедначеност во конкуренцијата меѓу понудувачите на струја од обновлива енергија. И неговата фирма мораше да се откаже од дел од побарувањата во однос на државата. Тој тврди дека „ЛАГИЕ“ долго време „своите уплати на приватните производители практично ги прекина. Или моравме многу долго, понекогаш и до осум месеци, да чекаме на нашите пари“, објаснува генералниот менаџер Сиетис.
До 2016 година фирмата планира да инсталира четири ветерници на грчко тло со вкупен капацитет од 93,5 мегавати. Инвестицијата треба да се финансира како со приходи од берзата, така и со банкарски кредит. Еден значаен знак притоа е успешното протекување на рекапитализирањето на грчките банки во 2013 година, смета Теодорос Сиетис. Бизнисменот верува дека на тој начин се подобрени финансиските можности кои ги нудат комерцијалните банки.
Дебитантот на берзата „Анемос“ сакаше тоа да го постигне - од една страна да добие свеж капитал од берзата, а од друга страна да добие од комерцијалните банки повисоки средства за кофинансирање на неговата нова инвестиција. Дали овој излез на берзата по пет кризни години е сигнализирање за враќање на Грција во нормала - за тоа во моментов може само да се шпекулира, сметаат експертите.