Позитивна препорака за Бугарија Романија?
11 септември 2006Весникот “Ди Велт“ викендов цитира висок претставник на Европската комисија кој вели дека на Бугарија и Романија ќе им бидат скратени парите за поттикнување и развој на ЕУ, доколку не се организира како што треба нивната распределба. Доколку корупцијата и неправилностите, кои се особено присутни во Бугарија, не бидат отстранети, ЕУ нема да ги признава пресудите на бугарските судови и значително ќе ја ограничи соработката во правната сфера.
ЕУ сака да си го задржи правото и за исклучување на некои производи од извоз во земјите на унијата, како што се на пример земјоделските призводи, доколку тие не одговараат на хигиенските стандарди. Вакви и случни клаузули би требало да стапат во сила до три години по приклучувањето во унијата, а колку долго ќе бидат на сила не би било ограничено.
Европската комисија повеќепати нагласуваше дека борбата против корупцијата не е доволна и бара засилени напори во таа насока. Бугарската министерка за Европа, Меглена Кунева, во едно телевизиско интервју ги критикуваше заштитните клаузули како еден вид – трибунал. ЕУ треба посилно да ги надгледува критичните подрачја, а не веднаш да се заканува со санкции, рече таа.
Надлежниот комесар за проширување, Оли Рен, често е соочен со критики од ЕУ дека им попушта на Романија и Бугарија, но тој контрира со ставот дека бара колку што е можно повеќе, но дека одлагање на приклучувањето на двете земји кон ЕУ за една година не би имало голема смисла. Имено, на први јануари 2008 година, Романија и Бугарија во секој случај ќе станат дел од унијата. Тоа им е обезбедено со договор.