Нови милијарди помош за Грција
1 април 2014Министрите за финансии од еврозоната денеска на средбата во Атина дадоа зелено светло за исплата на новата транша од заемот за Грција, откако претходно по ова прашање беше постигнат договор меѓу кредиторите и властите во Атина. Првата транша од 6,3 милијарди евра ќе биде исплатена уште овој месец. Атина во мај треба да плати повеќе милијарди евра долгови, затоа првата транша е толку висока.
Кредиторите, ЕК, Европската централна банка и ММФ, водеа макотрпни преговори со грчката влада. Европскиот комесар за економски прашања Оли Рен изјави дека договорот е постигнат политички, а официјалното решение за одмрзнувањето на кредитот за Атина сепак ќе биде донесено подоцна.
Во неделата вечер грчкиот парламент ја одобри серијата од антикризни мерки кои ќе дозволат издавање на дел од новата транша или на целата предвидена сума, која изнесува 8,3 милијарди евра.
Грција од меѓународните кредитори доби два пакети помош во вкупен обем од 240 милијарди евра за да спречи државен банкрот. Од европска страна, програмата за помош истекува на крајот од годинава. Често се шпекулира дали ќе биде потребен и трет пакет помош.
„Засега не гледаме потреба од трет пакет, сметам дека ќе остане на тоа“, изјави австрискиот министер Михаел Шпинделегер. Од извори на министерството за финансии на Грција се вели дека Атина планира што може побрзо да се снабдува со свежи пари на финаниските пазари.